Zafer Fatih Beyaz
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
АНКАРА
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Владимир Зеленски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Одделот за комуникации при турското Претседателство, се разговарало за одлуката на Русија да ги признае таканаречените републики Доњецк и Луганск.
Претседателот Ердоган во телефонскиот разговор остварен од Сенегал, втората станица од неговата турнеја низ Африка, истакна дека одблиску ги следи случувањата во Донбас и одлуките објавени како резултат на вонредниот состанок на Советот за безбедност на Русија.
Наведувајќи дека Турција го изнела својот став преку соопштението на Министерството за надворешни работи, Ердоган рече дека е неприфатливо признавањето на т.н. републики од страна на рускиот претседател Владимир Путин.
Претседателот Ердоган, наведувајќи дека се против каква било одлука насочена кон територијалниот интегритет на Украина, рече дека треба да се искористат сите дипломатски средства на меѓународната сцена за да се реши проблемот.