ЕРБИЛ (АА)
- БЕКИР АЈДОГАН
Во Ербил, Ирак, покрај традиционалните чајџилници и синџирите ресторани, алтернативните кафулиња со необични дизајни, како што се автобуси, авиони и саќе, отворени последните години, се меѓу местата што ги посетуваат младите луѓе.
Покрај тоа што Ербил е мал град, доколку направите брза обиколка, можете да посведочите дека од една страна градот е дом на скап и удобен живот со луксузни вили и автомобили, а од друга страна може да се видат суровите услови во бегалските кампови, имигрантите и лицата со ниските приходи.
Кафулињата во кои жителите на градот одат да пијат чај, кафе или да јадат се разликуваат според економската состојба на луѓето.
- Во традиционалните чајџилници продолжува културата на чај со многу шеќер, како и семки од сончоглед
Кафулето „Мичко“ и чајџилницата „Мам Халил“, 200-годишното отоманско наследство во чаршијата Кајсери, што се наоѓаат под замокот Ербил стар 6.000 години во центарот на градот, се меѓу традиционалните чајџилници што се посетувани од политичарите и туристите што го посетуваат градот.
Во маалото „Таџил“ и улицата „Искан“, кои се меѓу старите населби во Ербил, каде што метежот продолжува сè до доцните ноќни часови, може да се најдат многу чајџилници, како и различни деликатеси што се продаваат на улиците по пристапни цени.
На масите во традиционалните чајџилници може да се видат луѓе кои консумираат семки од сончоглед печени на жежок оган, а и служењето чај со многу шеќер, подготвен на јаглен, никогаш не престанува.
- Адреса на луксузните кафулиња во Ербил: улиците „Анкава“ и „Гулан“
Доколку се движите кон надворешните делови на градот, што е опкружен со кружни автопати и со историскиот замок „Ербил“ во центарот, можете да наидете на помодерни кафулиња.
Областа Анкава, каде што живеат мнозинството христијани, со многуте луксузни ресторани во кои може да се најдат вкусови од светската кујна е особено преферирана од странските посетители.
На улицата „Гулан“ покрај рестораните и кафулињата на познатите меѓународни синџири, се наоѓаат комплекси, вили и луксузни резиденции како што е резиденцијата „Дрим Сити Емпајер“.
- Улицата „Газали“: Место каде што се среќаваат невообичаено дизајнираните кафулиња
Улицата „Газали“ во градот се издвојува со своите невообичаено дизајнирани кафулиња. Голем број од алтернативните места што ги претпочитаат младите се наоѓаат во оваа област.
Кога за прв пат ќе влезете на улицата, која е затворена за сообраќај, внимание привлекува музиката во живо и колоритното осветлување.
Тука можете да ги видите млади луѓе како пијат чај и кафе на масите поставени во проѕирните шатори.
Трикатното кафуле дизајнирано во форма на саќе, што е едно од големиот број големи и мали кафулиња лево и десно од улицата, ги пречекува своите гости на масите поставени во секое саќе.
На улицата каде метежот се зголемува кон вечерните часови и каде што луѓето застануваат за да се фотографираат се наоѓа и еден бербер кој дава услуги во еден мини караван.
- Без билет може да се качите во авион
Меѓу најпознатите кафулиња на улицата е „Бус Кафе Ербил“, што се разликува со разнобојното осветлување, библиотеката внатре, масите и разните украси.
Шади Емин, кој работи во кафулето, за Агенција Анадолија (AA) истакна дека кога го отвориле ова место пред 4 години, во градот имало многу малку кафулиња и сакале да отворат кафеана што е различна од другите.
Истакнувајќи дека неговите муштерии седат во автобус и го пијат кафето, Емин рече дека кафулето го посетуваат луѓе од речиси сите возрасти, особено младите.
Друго место каде што многу луѓе сакаат да се фотографираат, како што е кафулето „Бус“, е кафулето „Авион“, што се наоѓа на крајот од улицата.
Кафулето „Авион“ има 11 патнички седишта и пилотска кабина. И покрај тоа што нема маси, служи во два одделни внатрешни и надворешни простори до него.
Хемин Осман, кој е одговорен за ресторанот, истакнувајќи дека бројот на луѓе кои од љубопитност се фотографираат пред и внатре во авионот е поголем од бројот на муштерии, рече дека идејата за ова кафуле му паднала на памет откако патувал со авион за прв пат во 2012 година.
Наведувајќи дека во ресторанот „Авион“ може да се пие кафе и јаде храна исто како и во авион, Осман рече дека луѓето овде можат да се качат без билет.