Aşkın Kıyağan
03 Јуни 2019•Ажурирај: 05 Јуни 2019
ВИЕНА (АА) - Преодната влада на Австрија на чело со поранешната претседателка на Уставниот суд, Бригите Бирлајн, положи заклетва и презеде должност во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Свеченото положување заклетва се одржа во палатата „Хофбург“, а Владата на првата австриска канцеларка во историјата, Бирлајн, ќе ја води земјата до парламентарните избори кои се најавени за септември.
Претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен, изрази уверување дека канцеларката Бирлајн и нејзиниот Кабинет ќе ја претставуваат земјата на домашната и странската сцена на динамичен и симпатичен начин.
Во Кабинетот на канцеларката Бирлајн заклетва положија и 12 поранешни и активни високи официјални претставници на Австрија.
Владата на досегашниот австриски канцелар, Себастијан Курц, падна минатиот понеделник, откако мнозинството во Парламентот ѝ изгласа недоверба.
Ова е епилог на аферата во чиј центар е објавата на видеоснимката на која дотогашниот водач на ултрадесницата и австриски вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе ѝ нудел на лажна внука на руски богаташ договори со државата во замена за финансиска поддршка на неговата политичка партија.
Штрахе потоа поднесе оставка на местото вицеканцелар, а Курц повика на предвремени избори и ја прекина коалицијата на својата конзервативна Народна партија (OVP) со екстремно-десничарската Слободарската партија на Штрахе (FPO).