Zuhal Demirci,Mehmet Öztürk,Sorwar Alam
27 Јули 2019•Ажурирај: 29 Јули 2019
АНКАРА
Мехмет ОЗТУРК / Зухал ДЕМИРЏИ / Сорвар АЛАМ
Премиерот на Малезија, Махатир Мохамад, кој престојува во официјална посета на Турција, во разговор за Anadolu Agency (AA) истакна дека Малезија и Турција во наредниот период сакаат дополнително да ја унапредат соработката во многу полиња, особено во полето на економијата, одбраната и технологијата.
Тој истакна дека постои изгледна можност во трговијата меѓу Малезија и Турција да се користи злато.
„Малезија е земја со силна трговија, а моментално извезува стока во околу 200 држави. Ако ги имаме предвид санкциите што ги воведоа некои земји и другите пречки кои влијаат на нашиот економски напредок, тогаш многу е важно да имаме отворени трговски канали со овие земји. Затоа, Турција ја гледаме како земја со голем потенцијал во поглед на стоката што ја увезуваме од други земји. Турција сигурно може да биде алтернативен извор. Покрај тоа, моментално во нашата трговска размена користиме американски долар, но можно е во трговските трансакции да ги користиме сопствените валути“, рече Мохамад.
На прашањето за состојбата и случувањата во Палестина, Мохамад истакна оти е многу евидентно дека за реалната состојба околу палестинското прашање не се дава доволно простор во медиумите и на телевизиските канали.
„Изгледа како во медиумскиот простор да постои договор премногу да не се зборува за проблемите во Палестина. Како и да е, јасно е дека не се споменува прашањето за окупацијата на палестинската територија. Израел окупираше голем дел од територијата на Палестина и со тоа го прекрши меѓународното право. Но многу често за тоа не се зборува. Најважно од сè е да се зборува за причините за тероризам. Сосема е јасно дека денес постои консензус муслиманите да се обвинуваат за тероризам. Но, вистината е дека присилната окупација и израелското кршење на меѓународното право доведоа до таканаречени терористички акти. Но за да се ослободиме од тероризмот, мораме да знаеме зошто се прави тоа. Во Малезија планираме да ги освоиме срцата и умовите на луѓето, вклучувајќи ги и терористите во земјата. На тој начин е завршен теророт во нашата земја. Не можете да го отстраните тероризмот ако не ги отстраните неговите причинители“, рече Мохамад.
Тој нагласи дека незаконското формирање на Израел е главната причина за тероризам, додавајќи дека денес сепак, постоењето на израелската држава е реалност.
„Сепак, сега најважно е Израел да му дозволи на палестинскиот народ да го поврати својот имот или да постојат две различни држави и да се спречи Израел да гради населби на палестинска територија“.
На прашањето за „Спогодба на столетието“ помеѓу САД и земјите од Заливот, тој изјави дека овој договор сака да се прикаже како нешто легитимно, иако, како што рече, се работи за отворено нарушување на меѓународното право.
„Пред сè, со тоа се загрозуваат демократските процеси. Одземањето на палестинските територии не е резултат на некој референдум или избори. Земјата е дадена на Израел без да се разгледаат човечките чувства и мисли на луѓето што живеат во Палестина“, рече Мухамед.
Тој додаде дека Турција и Малезија можат да придонесат за решавањето на палестинскиот проблем, истакнувајќи дека е многу важно постојано да се зборува за овој тежок проблем.
„Постои намера проблемот целосно да се елиминира, како да не се случило ништо. Но вистината е дека на сцена е голема неправда кон Палестинците. Турција и Малезија сакаат овој проблем постојано да биде на дневен ред“, рече премиерот на Малезија.
Тој, исто така, истакна дека е многу јасно дека муслиманите од Аракан доживеале геноцид или масакр.
„Малезија е против геноцидот и нелегалниот третман на Мјанмар кон муслиманите од Аракан. Ние мораме да го решиме овој проблем со тоа што муслиманите од Аракан ќе бидат признати како граѓани на Мјанмар“, рече тој.
Тој се осврна и на условите во кои живеат Ујгурите од исламската вероисповед во кинеската покраина Шјинџјианг, истакнувајќи дека неговата земја им порачува на властите во Кина спрема тие луѓе да постапуваат исто како кон своите граѓани.
„Нивната припадност кон друга религија не треба да влијае на ставот на Кина кон нив. На пример, Малезија е земја со повеќе религии и сите религии во оваа земја се третираат на ист начин. Ние секогаш се залагаме за решавање на конфликтите со преговори, со посредство или судски пат. Тешко да се има позитивен излез кога се прибегнува кон насилство, бидејќи никогаш со насилство не се стига до целта“, рече Мухамед.
Тој на крајот нагласи дека неговата земја ќе продолжи да соработува со Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО.
„Ги презедовме сите потребни мерки за затворање на училиштата поврзани со ФЕТО, откако откривме дека сакаат да ја користат Малезија како опозициона база против турската Влада“, истакна Мухамед за АА.