свет

Премиерот на Либија со 14 министри денес во посета на Турција

Либиската делегација доаѓа во посета на Турција на повик од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, а за време на дводневната посета ќе биде одржан првиот состанок на Турско-либискиот совет за стратешка соработка

Mücahit Aydemir  | 12.04.2021 - Обновена : 12.04.2021
Премиерот на Либија со 14 министри денес во посета на Турција

АНКАРА 

Претседателот на Владата на национално единство на Либија, Абдул Хамид Дбеибех, денес ќе престојува во посета на Турција заедно со делегацијата во која се наоѓаат 14 либиски министри, јавува Агенција Анадолија (АА).

Либиската делегација доаѓа во посета на Турција на повик од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, а за време на дводневната посета ќе биде одржан првиот состанок на Турско-либискиот совет за стратешка соработка, соопштено е претходно од Кабинетот за комуникации на Турција.

Фокусот ќе биде на моменталните регионални и меѓународни предизвици, како и на сите аспекти од билатералните односи на Турција и Либија, а ќе се зборува и за понатамошното унапредување на билатералната соработка.

Портпаролот на либиската Влада, Мухамед Хамуде, за АА изјави дека во придружба на премиерот Дбеибех ќе бидат пет заменици на премиерот, 14 министри, началникот на Генералштабот на Либија, Мохамед ал Хадада, и други државни службеници.

Меѓу либиските министри што ќе бидат во придружба на Дбеибех ќе бидат министрите за надворешни работи, за внатрешни работи, економија и трговија, здравство, нафта, локална управа, финансии, промет, планирање, индустрија и рударство, животна средина, образование и уште двајца државни министри.

Хамуде додаде дека за време на посетата ќе зборуваат за разни заеднички теми во секторите како што се енергијата и здравството и за враќањето на турските компании во Либија чии активности се спречени поради кризата во земјата.

Во рамките на Либискиот форум за политички дијалог, што беше свикан во Швајцарија на 5 февруари под водство на Обединетите нации, Мохамед Јунес Менфи е избран за претседател на привремениот Претседателски совет на Либија, а Абдул Хамид Мохамед Дбеибех за премиер.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.