Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
ИДЛИБ (АА) ‒ Цивилите во Сирија кои беа насилно раселени од режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи се лишени од болнички услуги откако меѓународните хуманитарни организации ја прекинаа помошта за 18 болници во и околу северозападната покраина Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додека граѓанската војна продолжува да беснее во својата 11-та година, стотици болници беа нападнати од режимот и неговите поддржувачи.
Стотици здравствени работници ги загубија животите во овие напади, додека многу здравствени центри станаа нефункционални откако меѓународната поддршка на организациите кои обезбедуваат здравствена заштита беше прекината.
Во Идлиб, десетици илјади цивили сега се лишени од болнички услуги, бидејќи покраината страда од недостиг на здравствени услуги и лекови.
Во меѓувреме, здравствените работници и локалното население ја истакнуваат потребата од продолжување на меѓународната помош за повторно отворање на болниците и за продолжување на лекувањето.
- Повик до хуманитарните организации -
Ахмет Абу Хусеин, кој беше раселен поради нападите од режимот врз населбата Марат ал Нуман во јужниот дел на Идлиб, за Агенција Анадолија рече дека многу луѓе страдаат од сиромаштија и дека немаат пари да бараат приватни медицински услуги, па дури и да ги платат лековите за кои имаат потреба.
Повикувајќи ги хуманитарните организации кои ја прекинаа финансиската помош во болниците во Идлиб, Абу Хусеин ја истакна потребата да се проговори и да се разгледа ситуацијата на присилно раселените цивили.
„Времето е студено. Болниците се затвораат, како да не е доволно страдањето на луѓето кои живеат во шатори среде тешки зимски услови“, додаде тој.
Фатма Харири, која беше раселена од Марат ал Нуман, рече дека нема средства да оди во приватна болница и не знае што да прави.
„Изгубивме сѐ што имавме... Се надевам дека болниците ќе почнат повторно да добиваат поддршка“, рече таа.
Зборувајќи за Агенција Анадолија во саботата, Салем Абдане, директорот за здравство на Идлиб, рече дека меѓународните хуманитарни организации ја прекинале нивната финансиска и логистичка помош за 18 болници во покраината и предупреди дека здравствената заштита е на прагот од колапс.
Според Сириската мрежа за човекови права (SNHR), режимот на Асад и Русија извеле вкупно 753 напади врз здравствените установи од почетокот на граѓанската војна во Сирија.