Emre Aytekin
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
ПЕКИНГ (АА) - Кинескиот претседател Си Ѓинпинг упати порака со поддршка и желби за брзо оздравување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине Ердоган, кои на 5 февруари потврдија дека се позитивни на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во име на мојата сопруга Пенг Лијуан и во свое лично име, Вам и на Вашата сопруга Емине ви испраќаме најискрени желби за брзо оздравување“, се вели во пораката на Ѓинпинг.
Напоменувајќи дека Кина ќе продолжи силно да ја поддржува борбата на Турција против пандемијата на коронавирусот, Ѓинпинг истакна дека придава големо значење на зајакнувањето на билатералните односи, како и дека сака со претседателот Ердоган да работи на подигање на стратешката соработка меѓу Кина и Турција на уште повисоко ниво.
Во изминатите денови, голем број официјални претставници од целиот свет испратија пораки со поддршка и желби за брзо оздравување на турскиот претседател и неговата сопруга, кои објавија дека се позитивни на коронавирусот.
Ердоган на 5 февруари преку Твитер потврди дека тој и неговата сопруга Емине почувствувале благи симптоми и направиле тест за Ковид-19. Резултатите покажаа дека и двајцата се позитивни на коронавирусот, а Ердоган ја сподели и информацијата дека се заразени со варијантата Омикрон.