Şenhan Bolelli
03 Мај 2016•Ажурирај: 05 Мај 2016
МАДРИД (АА) - На 26-ти јуни во Шпанија ќе се одржат предвремените парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Парламентарните избори во Шпанија се одржаа на 20-ти декември минатата година, но сѐ уште не е формирана нова власт во земјата.
Шпанскиот крал Филип VI утрово го прими претседателот на шпанскиот парламент, Пачи Лопез, и во таа пригода го потпиша решението за распуштање на Парламентот и распишување на предвремени избори за 26-ти јуни.
На изборите во месец декември ниту една од политичките опции не го доби потребното мнозинство за да формира влада, а ниту преговорите за коалициски решенија не дадоа резултати. Тоа е прв случај во историјата на Шпанија да се одржат предвремени избори поради неможноста за формирање на влада.
Шпанските политички партии имаат рок до 13-ти мај да се решат дали на изборите ќе излезат самостојно или во коалиција. Рокот за предавање на конечната листа на кандидати е 23-ти мај. Предизборната кампања започнува на 10-ти јуни и ќе трае до 24-ти јуни.
Според последните испитувања на јавното мнение во Шпанија, се очекува резултетите од предвремените избори во јуни да бидат слични на оние од декември.
Актуелната владејачка конзервативна Народна партија (PP) има поддршка од 28,9 отсто од гласачите, а посебено внимание ќе биде посветено на одлуката на левичарската партија Подемос и Обединетата левица дали на изборите ќе излезат самостојно или во коалиција.