Cansu Dikme
20 Јуни 2017•Ажурирај: 21 Јуни 2017
РИМ / ТУНИС (АА) - Најмалку 126 лица се водат за исчезнати по потонувањето на брод во Средоземното Море, кој од Либија пловел кон Италија и превезувал мигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Меѓународната организација за миграции (IOM), Флавио Ди Џакомо, соопшти дека бродоломот се случил во либиските води на Средоземното Море и дека спасувачките екипи на местото на несреќата пронашле и спасиле четири лица.
Повикувајќи се на изјавите на преживеаните, Џакомо рече дека бродот потонал откако криумчарите го украле моторот на бродот.
Поголемиот дел од исчезнатите мигранити потекнуваат од Нигерија и од Судан.
Агенцијата за миграции при Обединетите нации претходно соопшти дека во првите четири месеци од оваа година преку Средоземното Море во Европа дошле 44.209 мигранти и бегалци. Најголемиот број од нив пристигнал во Италија, потоа во Грција, Кипар и Шпанија.
Во истиот период, при потонувања на бродови и пловила, животот го загубиле и исчезнале вкупно 966 мигранти на медитеранската рута која ги поврзува Африка и Италија.