Emel Öz Gözellik
01 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Во индиските сојузни држави Утар Прадеш и Бихар, активните монсунски дождови предизвикаа смрт на 140 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Индиската новинска агенција „Прес траст оф Индија“ (Press Trust of India (PTI)) објави дека поројните врнежи од дожд, кои се активни последната недела, предизвикале поплави и несреќи во кои во државата Утар Прадеш загинале 111 лица, додека во Бихар 29 лица.
Во соопштението што го објави Единицата за борба со природни катастрофи се вели дека од интензивните врнежи од дожд во сојузната држава Бихар сериозно е погоден градот Патха, од каде што се евакуирани најмалку 4.000 лица.
Премирот Нарендра Моди, преку својот профил на социјалните мрежи соопшти дека со официјалните лица ја разгледал состојбата во земјата, наведувајќи дека екипите за борба со природните катастрофи на теренот работат заедно со локалните власти.
Во Јужна Азија, во периодот јуни - септември активни се монсунските дождови, кои секоја година предизвикуваат разорни природни катастрофи и несреќи. Оваа година врнежите од дожд во Индија, Непал и Бангладеш беа причина за смрт на повеќе од 400 лица.