18 Јули 2019•Ажурирај: 19 Јули 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - „Поранешниот премиер на Пакистан, Шахид Какан Абаси, е уапсен поради наводна вмешаност во коруптивни работи“, соопшти националниот Уред за борба против корупција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Истрагата е започната поради наводна злоупотреба на позицијата при увоз на природен гас од Катар во период од 2013 до 2017 година, за време на кој Абаси беше министер за нафта и природни ресурси. Станува збор за тендер вреден 220 милијарди пакистански рупии (околу 1,2 милиони евра).
Националното тело за борба против корупција (NAB) го повика Абаси да даде исказ во Исламабад во десет часот по локално време, но тој не одговори на повикот.
Абаси е уапсен од страна на припадниците на Националното тело за борба против корупција (NAB) додека одел на прес-конференција во Лахор. На поранешниот премиер претходно му е изречена мерка забрана за напуштање на земјата.
Поранешниот премиер утре би требало да биде изведен пред суд.
NAB, кој истражува коруптивни работи во кои постои можност да бидат вмешани пакистанските политичари, во последната година повика многу политичари да дадат искази, меѓу кои и поранешни премиери и поранешниот претседател.
Абаси е втор премиер, по Наваз Шариф, кој во изминатата година беше уапсен поради обвиненија за корупција.
Поранешниот претседател Асиф Зардари е веќе во притвор поради сомнеж дека учествувал во перење пари.