свет

Поранешниот боливиски лидер, Ево Моралес, со изјава за Агенција Анадолија од Аргентина

„Не остана друг избор освен да поднесам оставка, со цел да ги спречам судирите и можните жртви, откако полицијата и војската се приклучија на државниот удар“

Muhammed Emin Canik  | 07.02.2020 - Обновена : 08.02.2020
Поранешниот боливиски лидер, Ево Моралес, со изјава за Агенција Анадолија од Аргентина Фото: Muhammed Emin Canik/AA

БУЕНОС АИРЕС (АА) - МУХАМЕД ЕМИН ЏАНИК -

Поранешниот претседател на Боливија, Ево Моралес, истакна дека оставката била единствениот избор што го имал со цел да ги спречи судирите и можните жртви, откако полицијата и војската се приклучија кон државниот удар, пишува Агенција Анадолија (АА).

Моралес победи во првиот круг на изборите одржани на 20 октомври 2019 година, а даде оставка поради насилните протести на опозицијата, бунтот на полицијата и апелот на војската за поднесување оставка.

Моралес даде изјава за АА во аргентинскиот главен град Буенос Аирес каде што се наоѓа како политички азилант, во која процесот на поднесување оставка го опиша како пуч.

„Не остана друг избор освен да поднесам оставка, со цел да ги спречам судирите и можните жртви, откако полицијата и војската се приклучија на државниот удар“, рече тој, додавајќи дека процесот на неговата оставка бил поддржан од страна на САД.

„Првото нешто што го направи американскиот претседател Доналд Трамп е тоа што упати честитки до војската, бидејќи се приклучила на државниот удар. САД беа прва земја кои ја признаа пучистката [диктаторката Жанин Анез, привремена претседателка на државата]“, додаде тој.

Што се однесува до прекинувањето на броењето на гласовите од првиот круг на изборите на кои победи на 20 октомври, Моралес рече: „На 20 октомври не беше прекинато официјалното броење на резултатите на изборите, туку тоа што запре беше брзото броење. Тоа не беше проблем на Владата, туку на Врховниот изборен суд. Тоа го употребија како изговор за да направат пуч.“

Моралес говореше и за тврдењата во извештајот на Организацијата на американски држави (OAS) дека е извршена измама на изборите, негирајќи го тоа.

Запрашан дали повторно ќе се врати во Боливија, Морелес рече дека тоа зависи од политичката состојба во земјата.

Во врска со неговото членство во Сенатот, Моралес нагласи: „Правниците велат дека нема некоја пречка пред мојата кандидатура. Но, во Боливија повторно ќе донесат политички одлуки кои не се законски.“

Моралес истакна дека САД не сакаат тој да влезе во Парламентот, и дека тие секогаш ја одбивале неговата кандидатура. „Водевме голема борба и ќе продолжиме да водиме“, рече тој.

Моралес се осврна и на неговите идни планови: „Првин сакам да се вратам во Боливија, а за потоа сѐ уште немам некој план. Со изборите на кои победивме, по периодот од 2020 - 2025 сакав да ја оставам политиката. Но, бидејќи ме испровоцираа, ќе продолжам да се занимавам со политика. Ќе се занимавам со политика за слабиот и сиромашен дел на народот.“

„Искрено, сакам да станам претседател за мојата земја, а не за пари. На новата генерација која сака да се занимава со политика, ѝ препорачувам да ја земе предвид искреноста и да мисли за татковината и за народот, пред сѐ, за најранливата група“, нагласи во изјава за АА поранешниот претседател на Боливија Ево Моралес.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.