Emel Gözellik
05 Ноември 2020•Ажурирај: 05 Ноември 2020
АНКАРА
Додека Индија продолжува да биде една од најпогодените земји во светот од пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) според бројот на заразени и смртни случаи, состојбата во Кина е под контрола, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го издаде Министерството за здравство на Индија, во последните 24 часа 704 лица ги загубиле животите како последица на заразување со коронавирусот, со што вкупниот број на смртни случаи се зголеми на 124.315.
Во Индија, која има над 1,3 милијарди жители, во последното деноноќие детектирани се 50.209 нови случаи на заразување со Ковид-19, со што вкупниот број на лица позитивни на вирусот изнесува 8.364.086, додека 7.711.809 оздравеа.
Според интернет-страницата „Worldometer“, која секојдневно ги ажурира податоците поврзани со пандемијата на коронавирусот во земјите од светот, Индија е втора земја во светот според бројот на лица позитивни на коронавирусот, а трета според бројката на смртни случаи.
- Кина
Комисијата за национално здравје на Кина соопшти дека во последните 24 часа во Кина детектирани се 28 случаи на заразување со Ковид-19, од кои 20 потекнуваат од странство.
Осумте домашни случаи на заразување се откриени во Автономниот Ујгурски Регион Синкјанг. Бројот на откриени случаи во регионот во последните денови се зголеми на 72.
Во Кина, со популација од 1,4 милијарди жители, во последните 24 часа нема смртни случаи предизвикани од Ковид-19, а вкупниот број на лица позитивни на коронавирусот се зголеми на 86.115.
Од почетокот на појавата на коронавирусот во Кина досега животот го загубија 4.634 лица, а оздравеа 81.081 лице.