Mustafa Deveci
19 Март 2022•Ажурирај: 21 Март 2022
КИЕВ (АА) - МУСТАФА ДЕВЕЏИ -
Поради интензивираните руски напади на Киев, главниот град на Украина, во последните денови многу Украинци ги сметаат метро станиците за безбедни засолништа, пишува Агенција Анадолија (АА).
Од 24 февруари, кога започна војната меѓу Украина и Русија, многу Украинци побараа засолниште во метро станиците во градовите за да го избегнат бомбардирањето.
Во првите денови од војната, сликите на голем број луѓе кои се засолнуваат во метро станиците во Киев го привлекоа вниманието на светот. Во тие денови, илјадници луѓе беа во станиците кои служеа како природни засолништа.
Метежот на станиците на подземната железница видливо се намали бидејќи руските напади врз Киев стивнаа во првата недела од овој месец.
Меѓутоа, на почетокот на оваа недела, руските напади врз Киев повторно се интензивираа.

Оние жители на Киев кои не сакаа да го напуштат градот, се засолнија во метро станиците.
Станицата Сиретс, што се наоѓа во центарот на Киев, е едно од засолништата од руските напади.
Во неа се засолнети претежно жени и деца. Голем проблем им создаваат и ниските температури кои се спуштаат и под нулата.
Тие понесоа топла облека, ќебиња и други работи што им се потребни за да се заштитат од студот. Има и такви среќници кои најдоа место во вагоните на станиците.

Најголемиот дел од потребите на оние што престојуваат овде, особено за храна, ги задоволуваат украинските волонтери.
Децата кои не разбираат што е војна, си играат со своите другарчиња.
Александар, кој живее во Киев, изјави дека тој, неговата сопруга и двете деца, од кои едното има само една година, веќе три недели престојуваат на метро станицата Сиретс.
„Лошо е за децата, но возрасните можат да се навикнат на оваа ситуација. Децата сакаат да патуваат, да си играат, сакаат свеж воздух, нормална храна, нормална хигиена. Сепак, подобро овде отколку да се плашиме од бомбите дома“, рече Александар.
Како и во многу војни, цивилите ја плаќаат највисоката цена и во Украина.