Ihvan Radoykov
19 Март 2022•Ажурирај: 21 Март 2022
СОФИЈА (АА) - Вооружените сили на Соединетите Американски Држави (САД) ќе испратат ескадрила оклопни возила „Страјкер“ за воените трупи на НАТО во Бугарија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот државен секретар за одбрана, Лојд Остин, кој престојува во посета на Бугарија, во Софија се состана со бугарскиот премиер Кирил Петков.
„Војната што ја започна Владимир Путин ја загрози цела Европа. За жал, ниту една држава не може да живее сама мислејќи дека е безбедна. Во ова сложено опкружување никој не може да си ја осигури сопствената безбедност. Нашата безбедност зависи и од заедничката одбрана со нашите НАТО-сојузници. Ние сме НАТО“, рече Петков, и додаде:
„САД ќе испратат ескадрила оклопни возила „Страјкер“ за европската единица на високата команда на НАТО во Бугарија“.
Петков рече дека очекуваат придонес и од другите сојузници на НАТО.
Истакнувајќи дека на состаноците со министерот Остин никогаш не се разговарало за испраќање воена помош за Украина, Петков рече:
„Досега се споменуваше само хуманитарна помош, заедничка стратегија и поддршка на Источното крило на НАТО. Во оваа фаза, одлуката за воена помош е невозможна и таква одлука може да донесе само Парламентот.“
Подвлекувајќи дека „војната во Украина е трагедија“, шефот на Пентагон, Лојд Остин, рече дека рускиот напад предизвикал жртви меѓу храбрите украински војници и невините цивили.
„Во исто време, руската агресија ги обедини украинскиот народ, НАТО и слободниот свет. Нашата соработка во областа на одбраната никогаш не била толку силна. Бугарија продолжува одлучно да работи на подрачјето на одбраната“, рече Остин.
Истакнувајќи ја важноста на мултинационалната воена единица што ја воспоставува земјата под команда на НАТО, Остин додаде дека САД целосно го поддржуваат овој важен чекор што го презема Бугарија.
„Нашите заеднички ангажмани ќе бидат пример за останатите сојузници. Зголемувањето на воената подготвеност на Бугарија и работната кохезија со нејзините сојузници се навистина клучни овие денови бидејќи Европа се соочува со една од своите најголеми безбедносни закани“, наведе Остин.
Додаде дека ќе продолжи со напорите за постигнување траен мир во Европа.
На првиот ден од својата посета Остин ја следеше заедничката обука и вежбите што се во тек со учество на бугарски и американски војници на полигонот на копнените сили „Ново Село“ во југоисточна Бугарија. Остин денеска ќе се сретне со бугарскиот министер за одбрана, Драгомир Заков, пред да замине од земјата.