Ikrame Imane Kouachi
09 Февруари 2025•Ажурирај: 10 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Израел присилно расели над 20.000 Палестинци од бегалскиот камп во Џенин во северниот дел на Западниот Брег, изјави денес палестински претставник, пренесува Анадолу.
„(Израелската) Окупацијата целосно го уништи бегалскиот камп во Џенин и насилно расели над 20.000 жители, кои ги оставија зад себе своите домови, документи и лични работи“, изјави заменик-гувернерот на Џенин, Мансур ал-Саади за радиото „Гласот на Палестина“.
Раселените жители се очекува да побараат засолниште во други градови низ Западниот Брег, бидејќи деструкцијата предизвикана од израелскиот напад го оневозможува нивното враќање.
„Израелските напади и деструкцијата се „заговор против бегалското прашање, чија цел е целосно нивно (бегалците) избришување“, рече Ал Саади.
Палестинскиот претставник ја окарактеризира израелската офанзива врз градот Џенин и неговиот бегалски камп како „колективна казна“ насочена кон речиси 400.000 жители на градот.
Тој ги истакна големите економски загуби предизвикани од тековниот напад, како и нарушувањето на образовниот систем.
Упати апел до меѓународните организации за човекови права и правни организации „да влезат во кампот и да го документираат обемот на израелските злосторства со оглед на големата веројатност дека тела на мртви и повредени лица се затрупани под урнатините на уништените домови“.
Израелската ескалација следи по пошироката израелска воена офанзива која започна на 21 јануари во Џенин и неговиот бегалски камп, како и во околните градови, при што се убиени најмалку 25 Палестинци, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Армијата го прошири својот напад во Тулкарем на 27 јануари, при што се убиени уште пет лица. На 2 февруари, беше извршен уште еден напад во градот Тамун и бегалскиот камп Фара во градот Тубас.
Израелската ескалација следи по договорот за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници на 19 јануари, по повеќе од 15 месеци израелско бомбардирање, во кое убиени се речиси 48.200 Палестинци.
Од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, израелските сили и еврејските доселеници убиле најмалку 906 Палестинци низ окупираниот Западен Брег, според податоците на Министерството за здравство.