свет

Поплавите во Индија одзедоа 67 животи

- Индиските власти соопштија дека интензивните врнежи од дожд предизвикале поплави кои во државата Утар Прадеш одзедоа 6 животи, во Асам 22, во Бихар 33, во Мизорам 5 и едно лице во Мегалаја

Zehra Ulucak  | 17.07.2019 - Обновена : 18.07.2019
Поплавите во Индија одзедоа 67 животи

АНКАРА

Интензивните дождови кои последните неколку дена го зафатија источниот и североисточниот дел на Индија предизвикаа поплави во кои животот го загубија 67 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според веста што ја објави „Хиндустан тајмс“ („Hindustan Times“), индиските власти соопштија дека интензивните врнежи од дожд предизвикале поплави кои во државата Утар Прадеш одзедоа 6 животи, во Асам 22, во Бихар 33, во Мизорам 5 и едно лице во Мегалаја.

Властите информираа дека од поплавите кои се на највисоко ниво во државите Бихар, Утар Прадеш и во североисточните индиски држави, погодени се 9 милиони лица, а околу 300.000 се сместени во хуманитарни кампови.

Индиската метеоролошка служба информираше дека последните 10 дена паднале 40 % од вкупните монсунски врнежи од дожд што паѓаат во текот на целата година. Оваа служба упати предупредување дека во овие подрачја се очекуваат поинтензивни врнежи од дожд.

Владата ја задолжи Војската во државите Асам и Бихар да го евакуира населението во формираните привремени кампови за помош.

Интензивните врнежи од дожд во индиската држава Мегалаја предизвикаа свлечишта, при што се оштетени дел од патиштата и некои јавни објекти.

И во државата Мирозам преливањето на реките поплави 32 села, а евакуирани се најмалку 1.000 семејства.

Меѓу информациите во врска со поплавите што ја зафатија Индија, споделена е и веста дека повеќе од 90 % од Националниот парк „Казиранга“ во државата Асам се наоѓа под вода. Во овој национален парк во поплавата се удавиле 30 животни, меѓу кои и еден слон и четири носорози.

Властите соопштија дека продолжуваат спасувачките операции во подрачјата зафатени од поплавите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın