Mustafa Deveci
10 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
КУДС
Поранешниот државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Помпео, истакна дека одлуката за продажба на воените авиони Ф-35 на Абу Даби одигра важна улога во договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Поранешниот државен секретар на САД, Помпео, ги демантира тврдењата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека нема никаква врска помеѓу одлуката на САД за продажба на Ф-35 на Абу Даби и нормализацијата на односите меѓу Израел и ОАЕ.
Во изјавата за израелскиот весник „Једиот Ахронот“ (Yedioth Ahronoth), Помпео нагласи дека одлуката за продажба на Ф-35 е важен дел од договорот за нормализирање на односите меѓу ОАЕ и Израел.
Обединетите Арапски Емирати и Израел на 15 септември на церемонијата што се одржа во Белата куќа го потпишаа договорот за нормализирање на односите.
Администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп вети дека ќе ја одобри продажбата на Ф-35 на ОАЕ за возврат на договорот за нормализација со Израел. Таа обврска ја исполни непосредно пред да ја напушти функцијата.
Стејт департментот на САД, поради „испитување“ привремено прекина неколку воени продажни трансакции иницирани од поранешната администрација, вклучително и авионите Ф-35, кои беа одобрени за продажба на ОАЕ на 27 јануари.
Американската администрација на 20 април го заврши „испитувањето“ на Ф-35 и некои други воени продажби на ОАЕ и соопшти дека одобрението за започнување на процесот на продажба ќе биде доставено до Конгресот.