Murat Temizer
18 Мај 2023•Ажурирај: 24 Мај 2023
ВАРШАВА (АА) - Извршени се кибернапади врз интернет-страниците на најистакнатите весници, списанија и портали во Полска, пренесува Анадолу.
Според вестите на полските медиуми, интернет-страниците на најистакнатите весници во земјата, „Супер експрес“, „Газета виборча“ и „Жечпосполита“, неделното списание „Политика“ и порталите „wPolityce“ и „Niezalezna“ биле изложени на кибернапади.
„Продолжува хакерскиот напад DDoS врз нашата интернет-страница. Според информациите добиени од Министерството за дигитализација на Полска, зад овој напад стојат руски хакерски групи“, се вели во соопштението на „wPolityce“ објавено на Твитер.
Меѓу другото, во соопштението на „Газета виборча“ се вели дека нивната интернет-страница работи многу побавно од нормалата.
„Се извинуваме за овие проблеми. Министерството за дигитализација ни потврди дека е извршен DDoS-напад врз нашата интернет-страница“, се додава во ова соопштение.
Целните медиуми имаат различни политички ставови. „wPolityce“ и „Niezalezna“ ја поддржуваат владејачката партија, додека „Газета виборча“ остро ја критикува Владата.
Официјалната новинска агенција на Полска, ПАП (PAP), објави дека ќе се вршат технички истражувања за ова прашање.