Ömer Aydın
06 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
ПАРИЗ (AA) - Вработените од француската национална авиокомпанија „Ер Франс“ изјавија дека на 23 март повторно ќе штрајкуваат, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на десетте синдикати во кои се зачленети и вработените на компанијата, се наведува дека повторно е донесена одлуката за штрајк, во знак на протест поради платите и условите за работа во компанијата.
„Платите на вработените со години се замрзнати поради финансиската криза“, се вели во соопштението, во кое се бара покачување на платите од 6 отсто, и во кое се известува дека на 23 март вработените ќе стапат во штрајк заради исполнување на нивните барања.
Штрајкот ќе го поддржат пилотите, кабинскиот екипаж и вработените на терен.
Во меѓувреме, синдикатите ќе се состанат следната недела за да постават насоки за зголемување на нивната реакција до управата на „Ер Франс“.
- Во еден месец, втора одлука за штрајк -
„Ер Франс“, кој е во финансиска криза, и минатиот месец беше во штрајк поради политиката за платите и работните услови.
Компанијата „Ер Франс“ мораше да откаже 50 отсто од меѓународните летови од Франција на долги релации поради штрајкот.
Исто така, беше соопштено од компанијата дека 25 отсто од сите летови се откажани поради штрајкот. Френк Тернер, генерален менаџер на „Ер Франс“, кој даде изјава за „Франс Инфо“ (France Info“), тврдеше дека е невозможно работниците да добијат покачување од 6 отсто, истакнувајќи дека „Ер Франс“ нема можности да го исполни тоа.
Вработените на „Ер Франс“, во 2015 година упаднаа на годишниот евалуациски состанок на Централниот комитет, и пред камерите го нападнаа претседателот на управниот одбор Фредерик Гагеи и управителите на компанијата. Во овој настан, му беше искината облеката на директорот за човечки ресурси Ксавиер Бросе. Снимките од настанот заземаа големо место во светските медиуми.