Bilal Güler
02 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
КАБУЛ (АА) - Државните универзитети во јужните авганистански провинции повторно почнаа со работа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во провинциите како што се Кандахар, Хилменд, Урузган и Нимруз, студентите и студентките повторно се во клупите на универзитетите.
Студентите за АА го изразија задоволството за повторното отворање на образовните институции.
„Жените и девојките кои сочинуваат половина од заедницата, не треба да се занемарат. Бидејќи и жените придонесуваат за развојот и напредокот на земјата. Властите треба сериозно да го разгледаат образованието на жените и девојчињата“, рече студентката на Универзитетот „Кандахар“, Зехра Ергуван.
Мухамед Илијас Илхам побара од талибанската администрација да ги зголеми можностите кога станува збор за образованието.
„Сите го поддржуваме враќањето на авганистанските момчиња и девојчиња на универзитетите низ земјата“, рече Дебора Лајонс, шефицата на мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (UNAMA) и специјален пратеник на ОН.
Повика да се обезбедат програми за стипендирање на авганистански студенти и научници.
Абдулбаки Хакани, заменикот на министерот за високо образование на талибанската привремена Влада, најави дека државните универзитети ќе се отворат на 2 февруари, но во потоплите делови на земјата. Наведе дека кон крајот на февруари ќе се отворат и државните универзитети во постудените делови на Авганистан.
Според податоците на Министерството за високо образование, низ Авганистан постојат 40 државни и 150 приватни универзитети.
Хакани во септември минатата година рече дека „системот на заедничко образование е против исламските и националните вредности“.
Тој наведе дека во наредниот период студентите и студентките ќе имаат предавања во одвоени згради, на универзитетите каде што тоа е изводливо поради просторот. Како што изјави, на универзитетите каде што тоа не е можно да се изведе, студентите и студентките ќе доаѓаат на предавања во различно време.
Универзитетите во Авганистан го запреа образованието поради Ковид-19 пред талибанците да ја преземат контролата пад земјата.
Откако талибанците ја презедоа контролата над Авганистан, приватните универзитети започнаа со работа во септември 2021 година, додека државните останаа затворени.