Associated Press
26 Октомври 2022•Ажурирај: 27 Октомври 2022
МАНИЛА (АА) - Во силен земјотрес што во вторникот вечер го потресе северниот дел на Филипини, повредени се најмалку 26 лица. Локалната власт побарала затворање на меѓународниот аеродром поради оштетувањата предизвикани од земјотресот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Институтот за вулканологија и сеизмологија на Филипини објави дека земјотрес со интензитет од 6,4 степени по Рихтер во вторникот вечер го потресол северниот дел од земјата. Епицентарот на земјотресот бил на 9 километри северозападно од градот Лагајан, во провинцијата Абра, на длабочина од 11 километри.
Соопштено е дека по земјотресот не е дадено предупредување за можно цунами.
Земјотресот се почувствувал на пошироко подрачје на главниот северен регион Лузон, вклучувајќи и некои делови од главниот град Манила.
Најмалку 26 лица се повредени во провинцијата Илокос Норте, каде што е дадена наредба привремено да се затвори меѓународниот аеродром во градот Лаоаг поради оштетувањата предизвикани од земјотресот.
Во градот Батак во провинцијата Илокос Норте, пациентите се префрлени од најголемата болница во провинцијата бидејќи за време на земјотресот се урнале делови од плафонот на Одделот за интензивна нега.
Најмалку два града во провинцијата Кагајан привремено останаа без струја поради оштетувањата на далноводите. Оштетени се бројни мостови и патишта во околните провинции.
Земјотресите се честа појава на Филипини, земја која лежи долж пацифичкиот „Огнен прстен“, познат по интензивните сеизмички и вулкански активности.