свет

Повеќето израелски заложници во Џабалија се убиени во израелски напади, вели поранешен израелски воен командант

– Поранешен израелски воен командант денес изјави дека поголем број од израелските заложници биле убиени во израелски воздушни напади во северниот дел на Појасот Газа

Betül Yılmaz  | 09.12.2025 - Обновена : 09.12.2025
Повеќето израелски заложници во Џабалија се убиени во израелски напади, вели поранешен израелски воен командант

ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) – Поранешен израелски воен командант денес изјави дека поголем број од израелските заложници биле убиени во израелски воздушни напади во северниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.

„Повеќето од заложниците се убиени во израелски напади во Џабалија поради пропусти во разузнавањето“, рече Ницан Алон, поранешен израелски преговарач, за израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“.

Алон наведе дека многумина од заложниците, кои пристигнале живи во Газа, биле убиени во израелските напади врз објектите каде што ги држеле.

Тој потсети и дека тројца израелски заложници биле убиени во израелски напад во декември 2023 година поради „погрешни претпоставки на теренот“, без да наведе дополнителни детали.

„Стравот предизвикан од нашите воздушни напади постојано се спомнуваше во сведоштвата на заложниците“, додаде Алон.

Во текот на војната вооруженото крило на Хамас – Бригадите Ал-Касам – повеќепати објавуваше видеоснимки од израелски заробеници во кои тие ја повикуваа Владата на Бенјамин Нетанјаху да ги прекине нападите што го загрозуваат нивниот живот, но Тел Авив ги игнорираше овие апели и ја продолжи војната две години.

Во врска со протестите на семејствата на израелските заложници, Алон оцени дека „тие имаа многу помало влијание врз преговорите отколку што многумина тврдеа.“

На 10 октомври во Газа стапи на сила договор за прекин на огнот во рамките на планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп, со кој се стави крај на двегодишните израелски напади што од октомври 2023 година усмртија над 70.000 лица, најмногу жени и деца, а ранија повеќе од 171.000.

Во првата фаза од договорот е предвидено ослободување на израелски заложници во замена за палестински затвореници. Планот, исто така, вклучува и обнова на Газа и воспоставување нов механизам за управување без учество на Хамас.

Израел го поврзува почетокот на преговорите за започнување на втората фаза од договорот за прекин на огнот со приемот на телата на сите свои заложници.

Тел Авив тврди дека останките на еден израелски заробеник сè уште се во Газа, а Хамас наведува дека ги предал сите 20 заложници што биле живи, како и останките од 28 убиени.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.