Rania R.a. Abushamala
04 Август 2025•Ажурирај: 05 Август 2025
ИСТАНБУЛ (AA) – Повеќе од 600 поранешни шефови на израелски безбедносни служби упатија апел до американскиот претседател Доналд Трамп со барање да помогне во запирањето на тековната војна во Појасот Газа, јавува Анадолу.
Во апелот упатен до Трамп во писмена форма, потпишан од поранешниот директор на Мосад, Тамир Пардо, поранешниот шеф на Шин Бет, Ами Ајалон и поранешниот заменик-началник на израелската армија Матан Вилнаи, се повикува американскиот претседател да изврши притисок врз Бенјамин Нетанјаху да стави крај на конфликтот.
„Запрете ја војната во Газа! Во името на ЦИС, најголемата израелска група на поранешни генерали од армијата, Мосад, Шин Бет, полицијата и дипломатскиот кор, ве повикуваме да ставите крај на војната во Газа“, се вели во писмото објавено од движењето Команданти за безбедноста на Израел (ЦИС) на социјалната мрежа X.
Во писмото е нагласено: „Тоа го направивте во Либан. Време е да го направите и во Газа.“
Израелската армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш се убиени најмалку 9.440 Палестинци, а повредени се 37.986, кршејќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.