Esat Fırat,Mustafa Deveci
12 Февруари 2021•Ажурирај: 13 Февруари 2021
ЕРУСАЛИМ (АА) - По шестнеделниот карантин кој израелската Влада го воведе поради ширењето на новиот вид коронавирус, голем број Палестинци клањаа петочна молитва во комплексот „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим, јавува Агенција Анадолија (АА).
Палестинците од утринските часови пристигнуваа во комплексот за првиот џума намаз по шестнеделниот карантин.
Улиците на Стариот Град беа полни со верници кои клањаа на патот. Трговците од Стариот Град исто така ги отворија продавниците по повеќенеделниот карантин.
Израелските сили го проверуваа идентитетот на одредени влезови на „Ал Акса“.
Петочната проповед (худба) го одржа муфтијата Мухамед Хусеин, кој ги повика Палестинците да не ја оставаат сама „Ал Акса“.
Реагирајќи на карантинот, кој Израел го воведе поради новиот вид коронавирус, шеикот Хусеин истакна дека влезот во „Ал Акса“ го ограничила окупациската држава.
Тој ги критикуваше рациите кои Израелците ги извршуваат на различни подрачја, а кои се насочени кон Палестинците.
Комплексот „Ал Акса“ се простира на 15 отсто од површината на старото јадро на Ерусалим, кој е под израелска окупација, и претставува точка на соединување на трите најголеми религии во светот. „Кубетул Сахра“ и „Месџид-И Киблеј“ се два централни објекти во ѕидините на комплексот „Ал Акса“.
„Куполата на карпата“ или „Кубетул Сахра“ е една од првите, најверојатно и прва купола која е изградена во историјата на исламот. Изградена е во 691 година од страна на калифот Абдулмелик бин Мерван. Овој месџид, односно неговата камена купола, има облик на октагон со позлатен покрив, а со реставрацијата, ентериерот на тој објект заблеска во потполн сјај.
„Месџид-И Киблеј“ е џамија во јужниот агол на комлексот „Ал Акса“, а ја изгради калифот Омер бин Хатаб во 636 година. Токму на тој објект се мисли кога ќе се каже „Ал Акса“, меѓутоа, факт е дека „Ал Акса“ е значително поширок комплекс во кој се наоѓаат музеи, медреси и други објекти.
По „Месџид-И Харем“ во Мека и Џамијата на пратеникот во Медина, „Ал Акса“ е трето најважно свето место на муслиманите.