Hasan Esen
25 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон и францускиот претседател Емануел Макрон се договорија за итно запирање на нерегуларната миграција, откако најмалку 31 мигрант загинаа како резултат на потонувањето на бродот со нерегуларни мигранти во Ла Манш, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Кабинетот на премиерот, лидерите во телефонскиот разговор се осврнаа на прашањето за нерегуларната миграција.
Џонсон и Макрон се согласија „итно да се забрзаат заедничките напори за спречување на смртоносните премини и да се направи сѐ што е можно за да се запрат бандите одговорни за загрозување на животите на луѓето“.
Истакнувајќи ја важноста од тесна соработка со Белгија и Холандија, како и со другите земји на континентот за ефективно решавање на проблемот, двајцата лидери наведоа дека од витално значење е да се задржат сите опции на маса за да се запрат овие смртоносни премини.
- Животот го загубија 31 мигрант -
Најмалку 31 нерегуларен мигрант, меѓу кои пет жени и едно девојче, загинаа како последица на потонувањето на бродот со нерегуларни мигранти кој се обидуваше да премине од Франција во Англија преку Ла Манш.
Во врска со инцидентот, четири лица беа приведени. Францускиот претседател Макрон во својата изјава ја повика Европската Унија (ЕУ) да одржи итен состанок за „имиграцискиот проблем“.
Нагласувајќи дека можностите на Агенцијата за заштита на границата и крајбрежјето на Европската Унија (ЕУ), „Фронтекс“ треба веднаш да се зајакнат, Макрон рече: „Франција нема да дозволи Ла Манш да се претвори во гробишта.“