свет

Пет лица загинаа од торнада во САД, меѓу кои и четиримесечно бебе

- Повеќе од 25.000 дома во Тексас и 19.000 во Оклахома останаа без струја во неделата попладне

Almir Terzic  | 29.04.2024 - Обновена : 01.05.2024
Пет лица загинаа од торнада во САД, меѓу кои и четиримесечно бебе

ВАШИНГТОН (АА) - Најмалку пет лица загинаа од невообичаено голем број торнада што ги зафатија државите во централниот дел на Соединетите Американски Држави (САД), објавија вчера локалните власти, известува Анадолу.

Налетите на ветрот во торнадата достигнаа брзина од 218 километри на час.

Најлошо беше во Оклахома, каде што беа регистрирани четири смртни случаи. Уште во петокот во тоа подрачје беа пријавени 78 торнада, главно, во Небраска и Ајова, а потоа во саботата забележани се уште 35 торнада во подрачјето на Северен Тексас и на териториите од Оклахома до Мисури.

На некои места за само неколку часа наврнале 18 сантиметри дожд, а надлежните служби предупредија и на опасност од поплави.

Во саботата силно беше погоден градот Салфер во Оклахома, каде што беа уништени многу згради, а една жена го загуби животот.

Гувернерот Кевин Стит изјави дека штетата во градот е најголема што ја видел во неговите шест години на функција.

Уште две лица загинаа во градот Холденвил, од кои едно е четиримесечно бебе, објавија локалните медиуми.

Четвртото лице загинало на патот во Мариета. На видеоснимка се гледа голем број оштетени автомобили покрај патот.

Според првичните податоци на американската Национална метеоролошка агенција, налетите на ветрот во торнадата достигнале брзина од 218 километри на час.

Гувернерот Стит прогласи 30-дневна вонредна состојба за да се забрза испораката на помош во најтешко погодените области. Во петокот, во беснеењето на торнадата повреден е маж во Ајова, кој подоцна им подлегнал на повредите во болница, изјави неговото семејство за медиумите.

Повеќе од 25.000 дома во Тексас и 19.000 во Оклахома останаа без струја во неделата попладне.

Одделот за итни случаи на Оклахома соопшти дека болниците во областа пријавиле 100 повредени.

Невремето уништи или оштети десетици згради, вклучително и болницата во градот Мариета.

Инаку оваа област е позната по чести и силни торнада во пролет. Метеоролозите информираа дека е исклучително редок случај на појава на толку голем број торнада во последователни денови.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın