Servet Günerigök
29 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Пентагон вчера потврди дека е зголемен бројот на војниците дијагностицирани со трауматски повреди на мозокот предизвикани од иранските балистички ракетни напади извршени овој месец врз ирачката воздушна база, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Досега 50 членови на американската служба се дијагностицирани со трауматска повреда на мозокот“, изјави портпаролот на Одделот за одбрана, полковникот Томас Кембел.
„31 лице од нив се лекувани во Ирак и се вратени на својата должност, вклучувајќи 16 од дополнителните членови на услугата кои беа дијагностицирани уште од претходниот извештај“, рече Кембел.
„Осумнаесет членови на службата се транспортирани во Германија за понатамошна проценка и лекување“, додаде тој.
Минатата недела, бројот на повредени војници изнесуваше 34.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, првично изјави дека нема повредени војници во воздушните напади што беа извршени на 8 јануари од страна на Иран, како одговор на убиството на нивниот врховен генерал за регионални операции, Касим Сулејмани.
Но Пентагон неколку дена подоцна, на 17 јануари потврди дека има повредени војници и дека 11 од нив биле дијагностицирани со трауматска повреда на мозокот.
Во своето обраќање на новинарите во Давос, Швајцарија, претходно оваа недела, Трамп рече дека „слушнал дека имаат главоболки и неколку други работи“, нарекувајќи ги повредите „не многу сериозни“.
„Не ги сметам за многу сериозни повредите во однос на другите повреди што сум ги видел. Не сметам дека тоа се лоши повреди. Не“, рече Трамп.
Касим Сулејмани, кој беше шеф на единицата „Кудс“ на Револуционерната гарда на Ирак, е убиен во нападот што американските сили со дрон го извршија во близина на аеродромот во Багдад. Со него исто така се убиени и Ебу Мехди ал Мухандис, постар командант на ирачките Народни единици за мобилизација, и осум други лица.