Riyaz Khaliq Khaliq
03 Август 2022•Ажурирај: 04 Август 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, денеска се состана со претседателката на Тајван, Цаи Инг-Вен, откако го посети законодавното тело на таа островска држава, и покрај предупредувањата на кинеските претставници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тајванската претседателка ја награди Пелоси со највисоко цивилно признание.
Пелоси во објава на Твитер рече дека е „голема привилегија да се прифати наградата во име на Конгресот“, нарекувајќи ја „симбол на силното и трајно пријателство на САД со Тајван“.
Цаи рече дека Пелоси е вистински пријател на Тајван и се заблагодари на нејзината делегација за подобрувањето на односите на Тајван и САД.
Како што рече, Пелоси во последните 20 години постојано „обрнува внимание на демократскиот развој на Тајван и исто така покажа поддршка за меѓународното учество на Тајван“.
„Агресиите на демократски Тајван би имале огромно влијание на безбедноста на целиот Индопацифик“, истакна таа.
Осврнувајќи се на руската војна против Украина рече дека поради тоа, ситуацијата во Тајван е „во фокусот на светот“.
„Соочен со намерно зголемените воени закани, Тајван нема да се откаже и ќе продолжи да одржува линија на демократија“, рече Цаи.
Во своето обраќање Пелоси укажа на „двостраната поддршка на Тајван“ од американскиот Конгрес.
И двете го избегнуваа директното спомнување на Кина.
Меѓутоа, Пелоси рече дека односите помеѓу САД и Тајван се засновани на Законот за односи со Тајван.
„Пред 43 години, со Законот за односи со Тајван, САД дадоа темелно ветување дека секогаш ќе бидат покрај Тајван. И на овој цврст темел изградивме успешно пријателство, втемелено на нашите заеднички вредности на самоуправувањето и самоопределувањето, фокусирани на нашите заеднички безбедносни интереси во регионот и низ светот, посветени на економските врски кои го зајакнуваат просперитетот за сите наши луѓе“, рече Пелоси.
Пелоси го нарече Тајван „остров на отпорноста во светот“.
„Народот на Тајван на светот му докажа дека со надеж, храброст и одлучност можно е да се изгради мирна и просперитетна иднина. А сега повеќе од кога било, американската солидарност со Тајван е клучна. И тоа е порака која денеска тука ја носиме“, рече претседателката на Претставничкиот дом.
Министерството за надворешни работи на Кина рано денеска по локално време упати протесна нота на американскиот амбасадор Николас Брнс поради ненајавената посета на Тајван од Пелоси.
И покрај низа предупредувања од Кина, вклучително и воена акција, авионот во кој се наоѓала Пелоси слета во вторникот во Тајван од Малезија. Нејзината посета следуваше откако официјален Пекинг ја повика високата американска претставничка Пелоси да се откаже од патувањето, кое не било на официјалниот дневен ред на нејзината турнеја во Азија.
Пелоси го посети Сингапур во понеделникот, пред да го продолжи патувањето во Малезија. Планирано е во согласност со турнејата да ги посети и Јужна Кореја и Јапонија.
Пелоси е прва претседателка на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес која го посетила Тајван во последните 25 години. Њут Гингрич во 1997 година беше последниот челник на американскиот Претставнички дом кој го посети островот, кој инсистира на своја независност од 1949 година.
Тајван и Кина се поделија во 1949 година откако комунистите победија во граѓанската војна на копно. И двете страни велат дека се една земја, но не се согласуваат околу тоа која влада има право на национално водство на Тајван. Пекинг и Тајпеј немаат официјални односи, но се поврзани со милијарди долари трговија и инвестиции.
Соединетите Американски Држави го сменија дипломатското признание од Тајпеј во Пекинг 1979 година, но одржуваат неформални односи со Тајван. Вашингтон, според Федералниот закон, е обврзан да се погрижи Владата на Тајван да има средства да се брани.