Barış Seçkin
31 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
РИМ (АА) - На патниците им е дозволено да го напуштат бродот „Коста Смерелда“, кој од вчера се наоѓа во пристаништето во Чивитавечија, западна Италија, поради сомнение дека меѓу патниците има двајца кинески државјани заразени со коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Италијанскиот крузер со шест илјади патници задржан е вчера во италијанската Чивитавечија, 80 километри од Рим, откако кинескиот пар покажа симптоми на коронавирусот.
Кинескиот пар се пожалил на покачена температура, по што од амбулантата во рамките на крузерот се пренесени во Националниот институт за инфективни болести „Лазаро Спаланзани“ во Рим. Откако синоќа преку наоди е потврдено дека не се заразени со коронавирусот, на патниците утрово им е дозволено да го напуштат бродот.
Станува збор за крузер кој крстарел по крајбрежјето на Средоземното Море, а откако е прекинат карантинот, во италијанското пристаниште бродот го напуштија околу 1.000 патници.
Градоначалникот на Чивитавечија, Ернесто Тедеско, за медиумите изјави дека ситуацијата од синоќа се нормализирала.
„Потврдено е дека лицата за кои постоеше сомнение дека се заразени со коронавирусот, сепак не се заразени. Значи, ситуацијата е нормализирана и тоа во овој момент е најважно“, рече Тадеско.
Италијанката Клара, една од патниците на крузерот, рече дека вчера цел ден биле принудени да чекаат на крузерот.
„На почетокот не знаевме што се случува, подоцна ни беше кажано дека станува збор за сомнеж за коронавирус. Бевме шокирани, секако и загрижени. Кога пристигна веста дека лицата се негативни на вирусот, на крузерот се слушна аплауз со големо одушевување“, рече Клара.