Islam Uddin
31 Мај 2021•Ажурирај: 01 Јуни 2021
АНКАРА
Кина денес дополнително ја олабави својата политика за планирање на семејството и им дозволи на паровите да имаат до три деца, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според „Глобал тајмс“, кинеската Влада донела одлука за подобрување на структурата на населението и за спротивставување на проблемот со стареењето на населението во земјата.
„Властите исто така планираат да ги подобрат системите за породилно отсуство и породилно осигурување и да ги зајакнат политиките за поддршка во областите како што се даноците и домувањето“, објави весникот.
Минатата година во ноември, Кина го објави својот петгодишен план за периодот од 2021 до 2025 година за да промовира рамномерен развој на населението. Според новата политика, Владата ќе обезбеди обемна социјална и економска поддршка за да се спротивстави на намалената работна сила и проблемот со стареењето на населението.
Во 2016 година, Кина ги попушти ограничувањата и им дозволи на паровите да имаат второ дете поради зголемувањето на старата популацијата.
Претходно, во 1978 година земјата воведе контроверзна „политика за едно дете“ во обид да се намали сиромаштијата и да се развие економијата.
Наталитетот во земјата опадна бидејќи бројот на новороденчиња во Кина се намали од 17,25 милиони во 2017 година на 14,65 милиони во 2019 година, „Глобал тајмс“ цитираше извештај на истражувачки центар под Министерството за јавна безбедност.
Бројот на новородени бебиња регистрирани во органите за јавна безбедност во 2020 година изнесуваше 10,04 милиони, што е за 15 отсто помалку од претходната година.
Тоа беше четврта последователна година во која има пад во бројот на новоредените и покрај спроведувањето во 2016 година на универзалната политика за второ дете, што им овозможува на сите парови да имаат две деца, покажаа податоците.