Burak Bir
08 Јануари 2023•Ажурирај: 09 Јануари 2023
Илјадници демонстранти се собраа во саботата во Париз за да протестираат против францускиот претседател Емануел Макрон поради зголемувањето на цените и пензиските реформи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Жолтите елеци повторно излегоа на улиците за да протестираат против пензиските реформи на Макрон и високата инфлација.
Жамал Буабан, член на движењето Жолти елеци, рече дека и покрај слабото учество, групата ја постигнала својата цел да потврди дека нивните гласови не исчезнале и дека Владата на Макрон треба да ги слуша нивните барања и да ги сфати сериозно.
„Денес излеговме за доброто на сите Французи кои гладуваат поради високите цени што веќе не можат да си ги дозволат“, рече тој, предупредувајќи на нови демонстрации.
Во меѓувреме, штрајкот на лекарите неодамна стана уште еден проблем за Франција, бидејќи здравствените работници се на втор прекин на работата од 2 до 8 јануари.
Лекарите се собраа во четвртокот во Париз за да побараат подобри услови за работа. Илјадници демонстранти маршираа до Министерството за здравство и одржаа едноминутно молчење во знак на сеќавање на лекарите кои извршија самоубиство.
Франција се соочува со „тројна епидемија“ на коронавирус, грип и бронхиолитис. Зголемен е бројот на итни пациенти, предизвикувајќи долго чекање.
Општите лекари, кои се сметаат за втор столб на францускиот здравствен систем, на 26 декември стапија во штрајк барајќи подобри услови за работа.