AP
12 Декември 2015•Ажурирај: 12 Декември 2015
ПАРИЗ (АА) - По скоро две недели интензивни преговори во Париз, во рамки на Самитот за климатските промени COP21, на кој учествуваа над 180 делегати од целиот свет, денес ќе биде претставен нацрт глобалниот договор за ограничување на гасовите од „стаклената градина“, јавува Anadolu Agency (AA).
Иако не се објавени никакви детали за предложениот договор, неименуван француски функционер најави дека нацртот на постигнатиот договор ќе биде претставен на 20 страници, што го чини пократок од претходниот кој имаше 27 страници.
Конференцијата во Париз, која започна на 29-ти ноември, требаше да заврши вчера, но францускиот министер за надворешни работи, Лорен Фабиус, најави дека ќе трае еден ден подолго од предвиденото, со цел надминување на несогласувањата.
На преговорите за крајниот договор за борба против глобалното загревање се придружи и претседателот на Франција, Франсоа Оланд, кој денес ќе ѝ се обрати на јавноста заедно со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, се соопштува од Кабинетот на францускиот претседател.
Истовремено, неколку оргнизации за заштита на средината и човековите права најавија протести во Париз со цел да го свртат вниманието кон заканите од глобалното затоплување предизвикано од човечки фактор и повикаа на сопирање на употребата на гас и јаглен.
Последните протести против климатските промени кои се организираа на 29-ти ноември, завршија со судир помеѓу демонстрантите и полицијата, која употреби солзавец за растерување на насобраните демонстранти, а приведе и над 100 лица. Денешниот протест треба да се одржи пред Ајфеловата кула, и е дозволен од страна на полицијата, тврдат организаторите.