Hatice Kesgin
12 Декември 2015•Ажурирај: 13 Декември 2015
АНКАРА (АА) - Гамбија сега е „исламска држава“, објави претседателот на западно-африканската држава, јавува Anadolu Agency (АА).
Гамбискиот претседател Јахја Џамех, ја презентираше објавата во крајбрежниот град Бруфут, во четвртокот.
„Судбината на Гамбија е во рацете на Семоќниот Аллах. Почнувајќи од денес, Гамбија е Исламска држава. Ние ќе бидеме Исламска држава која ќе ги почитува правата на граѓаните“, цитирана е изјавата на Џамех дадена во официјалното соопштение објавено денес, на веб сајтот на Кабинетот.
Гамбија стана независна земја во 1970 година. Оттогаш, имаше само двајца претседатели, а Џамех е вториот зад кормилото на државата, од 1994 година.
Според официјалната статистика на Гамбија, муслиманите сочинуваат 90 отсто од нејзиното 1,5 милионско население.
Локалните гамбиски медиуми го цитираа Џамех дека декларацијата за исламската Република не значи дека ќе има компромиси за слободите и правата на малцинските групи и другите религиозни групи кои досега ги уживаа во Гамбија.
Тој рече дека на христијаните ќе им се дозволи да го прославуваат Божиќ. Исто така, се цитира, дека никому нема да му се дозволи да ја користи декларацијата за исламската држава како средство за наметнување рестрикции во кодексот на облекување на жените во земјата.
Покрај Гамбија, Мавританија е уште една земја во Африка, која е официјално позната како Исламска република.