Faruk Zorlu
02 Октомври 2022•Ажурирај: 06 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Папата Франциск денес повторно упати апел до рускиот претседател Владимир Путин да ја запре војната во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Како прво, мојот апел пред сè е адресиран кон претседателот на Руската Федерација, молејќи го да го запре овој вител на насилство и смрт, а исто така и за доброто на својот народ“, изјави папата, објави „Ватикан њуз“.
Тој исто така упати апел и до украинскиот претседател Владимир Зеленски и му порача „да биде отворен за сериозните предлози за мир“. „Ги повикувам сите протагонисти на интернационалниот живот и политичките лидери на државите да направат сè што е можно за ставање крај на оваа војна.“
Изразувајќи ја својата загриженост во однос на нуклеарните закани и ескалацијата на војната во Украина, тој рече: „Длабоко жалам за тешката состојба што се појави во последните денови со дејствија спротивни на меѓународното право. Со тоа се крева и ризикот од нуклеарна ескалација, што наметнува причина да стравуваме од неконтролирани и катастрофални последици низ светот.“
„Исто така, вознемирувачко е што одредени делови на Украина станаа средишта на неoписливо страдање и страв”, додаде тој.
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот прогласи анексија на четири украински региони.
Од 23 до 27 септември, во украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск, како и во деловите на Запорожје и Херсон под контрола на руските сили, се одржа референдум за припојување кон Русија.
Референдумот беше осуден од страна на меѓународната заедница, а европските земји и САД го нарекоа измама и порачаа дека нема да биде признаен.