РАМАЛА/ГАЗА
По две децении, лузните од Втората интифада, востанието што започна на 30 септември 2000 година, сè уште се присутни во свеста на Палестинците. Децата што беа во центарот на ова востание се уапсени, а потоа осудени на долгогодишни казни затвор, кои се движеле од 20 до 25 години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во пресрет на 20-годишнината од Втората интифада, членовите на семејствата и понатаму чекаат тие деца, кои пораснаа во затворите зад решетки, да бидат пуштени на слобода.
Муат Хјаје (35) од Карават Бани Зеид, 22 километри северозападно од Рамала, вели дека и денес низ грбот чувствува непријатни морници кога се присетува на настаните од пред 20 години. Вели дека во тој период, полн со напнатост, тензии и постојан страв дека израелските безбедносни сили ќе го запалат селото, исчезнале и соништата на многу деца.
„Бевме деца кои сонуваа за иднина. Но кога започна Интифадата, нашиот живот се претвори во кошмар“, изјави Хјаје.
Во времето кога израелската окупациска Војска го запалила неговото село, 2000 година, Хјаје бил средношколец.
„Дојдов на испит со пријателот од детството Факер Азиз Арар, кога израелската Војска го нападна училиштето. Факер брзо ја напушти училишната сала, придружувајќи ѝ се на групата што фрлаше камења кон војниците“, се присетува Хјаје.
Потоа со солзи во очите и скршен глас додаде дека израелските војници пукале во Арар и дека во тој момент го изгубил својот најдобар пријател.
„Многу ученици беа ранети. Се вратив во училиштето за да им помогнам на ранетите и да го најдам Арар меѓу загинатите“, додаде тој.
Активистот и фудбалер Арар беше многу амбициозно момче, тој го сакаше животот и имаше големи планови за иднината.
„По неговата смрт, не можев да го продолжам образованието, тоа запре тој ден. Сè уште не можам да верувам дека тој не е тука“, додаде тој.
- Деца затвореници
Училиштето на Арар одржува годишен турнир во фудбал, во кој учествуваат учениците кои на тој начин му оддаваат почит на загинатиот колега и фудбалер.
Востанието или Интифадата започна на 30 септември 2000 година во Ерусалим, по два дека откако Ариел Шарон, тогашниот лидер на партијата Ликуд, упадна во комплексот на џамијата „Ал Акса“.
Осум деца од Јужен Ерусалим беа застрелани и потоа уапсени во паркот. Ахмад Швики и Муханад Џехан беа меѓу нив.
Швики имаше 14 години кога беше погоден со куршум. Повеќе од еден месец беше држен во самица, беше испрашуван и не му беше дозволено да ги види членовите на неговото семејство.
„Го видов прв пат во судницата, велеше дека сака да биде со луѓето, дека ќелијата е ужасна. Тоа за нас беше многу тешко“, изјави мајката на Ахмад во разговор со новинарите на Агенција Анадолија (АА).
Тој беше осуден на 20 години затвор. Моментално се наоѓа во затворот „Негев“ на јужниот дел на земјата.
Џехан имаше 16 години кога беше уапсен и осуден на 25 години затвор. Овој млад Палестинец сè уште во затворот ја има неговата играчка што ја имал кога бил уапсен во 2001 година.
Според зборовите на сестрата на Џехан, Дијала, таа мала играчка за него претставува спомен на детството, времето пред да биде одведен во притвор.
„Децата пораснаа и станаа мажи зад решетки. Поминаа повеќе од половина од својот живот во затвор и изгледа дека ќе мора да чекаат уште со години за да бидат ослободени“, изјави Дијала.
И покрај долгогодишната казна, семејството на Џехан го поттикнува да го продолжи образованието во затвор. Тој студира социологија и моментално е трета година.
- Сеќавање на мртвите
Триесетгодишниот Ахмед Насер, од градот Хан Јунис на брегот на Газа, вели дека бил ученик во основно училиште кога започнала Втората интифада.
„Се сеќавам на денот кога ја напуштивме наставата за да присуствуваме на испраќањето на мачениците“, изјави Насер, кој имал 12 години кога во неговиот град израелските војници го убиле првиот маченик, Карам Гана, и тој погреб длабоко му останал врежан во неговото сеќавање.
„Имавме ненормално детство. Ги молевме нашите наставници да ја завршат наставата што побрзо за да можеме да учествуваме во Интифадата“, додава Насер, кој денес работи како новинар.
Тој вели дека Втората интифада го променила неговиот живот и на одреден начин имала пресудно влијание да започне да студира новинарство.
- Израелските сили разорија дом на денот на венчавка
Мајката на три деца од Рафа, Рана Ахмед, имала 15 години кога видела како умираат нејзините пријатели и роднини. Таа вели дека тоа било како кошмар. Израелските сили го уништиле нејзиниот дом во 2003 година, три години по Интифадата.
„Најлош кошмар во мојот живот беше кога ја уништија нашата куќа на денот на мојата венчавка. Прославата се претвори во хорор. Останав под урнатините да ја барам мојата бела венчаница, а сета моја шминка беше уништена“, се присети Рана.
Триесетгодишниот Таер Џвехан од окупираниот Ерусалим вели дека неговиот брат бил уапсен и дека биле уништени куќите и сè што им стоело на патот на израелските сили.
„Во тоа време мислев дека ќе го убијат мојот брат. Прв пат го видов по 40 дена притвор. Изгледаше многу изморен и измачен, блед, трагите од тепање беа очигледни“, се присети Џвехан.
Тој додаде дека неговиот брат му недостигал цело време, во училиште и во фудбалскиот клуб.
„Цело време бевме заедно и одеднаш сфатив дека останав сам. Станав возрасен маж за време на неговото отсуство. Тоа беше многу тешко време“, додаде Џвехан.
Тој изјави дека по апсењето бил запрен животот на неговиот брат.
„Ме прашува за луѓе кои одамна починаа и се интересира за парковите во кои си игравме како деца. Тие паркови сега се населби“, пренесе Таер дел од разговорот што со неговиот брат го водел за време на посетата на затворот.
Таер, кој е татко на две деца, додека зборува, ја држи на градите фотографијата на брат му од времето на неговото детство.
„Многу работи се случија за време на овие долги години. Се оженивме, добивме деца, ги изгубивме нашите баби и дедовци. Но тој не беше тука. Тој не го живееше свој живот. Неговиот живот запре кога беше уапсен“, изјави Таер.
Второто востание или Интифада, што продолжи во февруари 2005 година, ги однесе животите на 4.412 Палестинци, додека околу 49.000 беа ранети и 119.000 уапсени.
Бидејќи децата беа во центарот на ова востание, тие на некој начин станаа и негови икони, како што е Мохамад Дора, кој беше убиен пред неговиот татко и чии последни моменти од животот ги снимија камерите.