„Турција е подготвена да служи како де факто гарант доколку се имплементира решението на две држави“, истакана Фидан
- „Ова е голема обврска, која не може да ја преземе секоја држава“, рече Хакан Фидан

АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, во саботата вечер изјави дека Турција е подготвена да ја преземе де факто улогата на гарант доколку се имплементира решението на две држави во Палестина, известува Анадолу.
Зборувајќи како гостин на телевизиска програма, министерот Фидан рече дека Турција досега дејствувала како посредник во напорите за ставање крај на војната во Газа, промовирајќи мир преку своите блиски врски и долгогодишна поддршка за палестинските каузи.
„Доколку се постигне договор прифатлив за Палестинците, ние сме подготвени да го направиме својот дел“, рече Фидан. „Доколку се реализира решение на две држави, Турција е подготвена да ја преземе одговорноста на де факто гарант.“
Фидан истакна дека очекувањето „целосна доверба“ во Израел е нереално и ја нагласи важноста на меѓународниот притисок за обезбедување одговорност.
Фидан рече дека е формирана „рана работна група“ за решавање на оперативните прашања за време на процесот на прекин на огнот во Газа, вклучувајќи ги и проблемите поврзани со размена на заложници и тела.
Тој додаде дека работната групата има за цел одржување комуникација и координација на терен.
Шефот на турската дипломатија рече дека продолжуваат дискусиите за три институционални механизми наведени во планот за прекин на огнот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа: работна група, мировен совет и сили за стабилизација. Сепак, како што рече министерот Фидан, нивните мандати и состав сè уште не се финализирани.
Тој нагласи дека координацијата на одбраната и разузнавањето на Турција ја покажуваат нејзината подготвеност да преземе поголема одговорност доколку се постигне мир.
„Доколку се спроведе решение на две држави врз основа на границите од 1967 година и Палестинците добијат суверена и рамноправна држава, ние сме подготвени да дејствуваме како гарант“, рече Фидан и додаде:
„Ова е голема обврска, која не може да ја преземе секоја држава.“
Во понеделник се одржа Мировен самит во египетскиот туристички град Шарм ел Шеик, на кој домаќини на повеќе од 20 светски лидери, вклучувајќи го и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беа американскиот претседател Доналд Трамп и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси. На Самитот беше потпишан документ со кој се формализира прекинот на огнот во Газа.
Ердоган, Трамп, Сиси и катарскиот емир шеик Тамим бин Хамад ал-Тани официјално го потпишаа договорот со кој се поддржува примирјето и трајниот мир во Газа.