На таканаречениот мировен план на американскиот претседател, Доналд Трамп, за Блискиот Исток, Палестинците остро се спротивставуваат, додека Израелците се несигурни во неговото спроведување.
Екипата на Агенција Анадолија (АА) ги анкетираше Палестинците и Израелците и ги прашаше за мислење во врска со таканаречениот мировен план.
Палестинците, повеќето од нив, наведуваат дека станува збор за заговор на САД и Израел против палестинскиот народ, но и за предавство на арапските земји. Сметаат дека не е можно спроведување на овој план. Од друга страна, Израелците тврдат дека планот на Трамп е во корист на двата народа и дека станува збор за „можност што не смее да биде пропуштена“.
Имамот на „Ал Акса“, Раид Даана, за АА изјави дека планот на Трамп е продолжување на Балфуровата декларација, која доведе до основање на израелската држава на палестинска територија.
Порача дека Палестинците нема да дозволат спроведување на овој план.
Додаде дека Палестинците ќе се спротивстават на „договорот на векот“, кој, помеѓу останатото, ги игнорира правата за враќање на палестинските бегалци, а Ерусалим (Кудс) го прави главен град на Израел.
Шеик Даана наведува дека овој план го поддржале и одредени арапски држави.
„Палестинците со душа и крв овој план ќе го направат невалиден“, рече Даана.
Палестинскиот политички аналитичар Фадил Тахбуб наведува дека планот на Трамп не е договор туку наметнување.
„Договор настанува меѓу две страни. Значи Палестинците и другата страна. Но тука Палестинците не се страна“, рече Тахбуб, кој потсети дека Палестинците не го одобрија овој договор.
Смета дека САД и Израел искористуваат одредени сојузнички арапски земји за да биде спроведен овој план.
„Овој план е напад врз палестинскиот народ и јасен план за завршување на палестинското прашање. А арапските режими, приврзаници на Израел и САД, се дел од ова што се случува против палестинскиот народ и се дел од предавството на арапско-исламскиот свет. Неприфатливо е молчењето на арапските земји додека Кудс е во оваа состојба“, смета Тахбуб.
Рече дека голем дел од овој план е веќе спроведен.
„Преместувањето на Амбасадата (на САД) од Тел Авив во Ерусалим (Кудс), со неговото признавање за главен град и градењето на еврејските населби се показател дека тој се спроведува“, рече Тахбуб.
Порача дека ќе продолжи да се спротивставува на овој план без оглед колку долго траела таа борба.
Палестинецот Хазим Абу Наџиб наведува дека таканаречениот мировен план на Трамп е нов додаток на катастрофата што ја преживува палестинскиот народ.
„Овој план за нас е нова Накба (катастрофа), нова Накса (загуба на територија). Бидејќи, ова е меѓународна завера на чело со американскиот тероризам. САД настојуваат да им го дадат на другите она на што не се сопственици. Во 21 век речиси да живееме во апартхејд. САД ги спроведуваат сите препораки на Израел“, смета Абу Наџиб.
Порача дека не е можно спроведување на планот.
„Волјата на народот е над сè. Доколку постои народ кој е соочен со тиранија, угнетуван и бара слобода, тогаш не е можно да го спроведе овој план. Палестинскиот народ е многу искусен во отпорот и заштитата на својата земја“, рече Наџиб.
Палестинската активистка Фатима Абу Сус (Уму Ејмен) вели дека е свесна за тоа што се случува и за начинот на кој делува Израел.
„Арапските земји стојат до Израел, некогаш соработуваа зад завесата, а сега заедно делуваат“, рече таа и порача дека Ерусалим (Кудс) ѝ припаѓа на Палестина.
„Кудс им припаѓа на Арапите, на исламот. Поради тоа овој луд Трамп секој ден нешто ново ни спрема. Се надевам дека ова ќе биде крајот“, рече таа.
Порача дека ќе пружи отпор и дека ја сакаат својата земја.
„Ќе ја вратиме нашата земја, Хаифа, Јафа, Рамала и целата земја од 1948 година без оглед на проектот ‘Договор на векот’. Ние сме деца на Палестина, од Рефах до Нанин“, порача таа.
Палестинецот Салах ас Савис рече дека палестинскиот народ ќе го победи планот на Трамп и Нетанјаху.
„Палестинскиот народ е посилен од нивните планови и ќе пружи отпор, границите ќе ги одредуваат Палестинците. Бидејќи ние сме сопственици на оваа земја, а не Трамп и Израелците“, рече Салах.
Порача дека Ерусалим (Кудс) им припаѓа на Палестинците.
„Ерусалим е во потполност наш, не е можно некој да ни го дава она што е наше. Може ли тебе некој да ти даде јакна што е твоја?“, запраша тој.
Сепак, Охајон Рафаел, од Западен Ерусалим (Западен Кудс), верува дека планот е во корист на Израелците и Палестинците.
„Според моето мислење „договорот на векот“ нуди помош за целиот регион. Ова е план во наша корист за да се смени досегашната ситуација, за да напредуваме и заедно да живееме на ова подрачје. Договорот на векот е во корист и на Палестинците и на Израелците“, додава тој.
Верува дека омразата не е во ничија корист.
„Ако продолжиме да мразиме, нема ништо да постигнеме. Треба да пружиме шанса на овој план во корист на народот на сите подрачја за да заедно живееме“, додава Рафаел.
Верува дека спроведувањето на планот зависи од лидерите и додава дека мирот е подобар од војна.
„Сè е до лидерите. До тоа како овој план ќе му се пренесе на народот. Луѓето треба да знаат дека ова не е против нив и не значи рушење ниту назадување. Мирот е решение. Мирот е подобар од војна и ако тоа не го сфатиме, не можеме да сфатиме ниту каде одиме“, истакнува Рафаел.
Израелецот Ариел Бегин наведува дека сè зависи од тоа дали планот ќе биде спроведен.
„Прашањето не би требало да остане само на хартија. Лидерите нека седнат на маса и нека постигнат договор. Тоа ќе биде добро за двете страни“, смета Бегин.
Додаде дека поддржува дводржавно решение и дека Палестинците треба да имаат држава.
Бегин рече и дека Палестинците не би требало да ја пропуштат оваа шанса.
„Во времето на Ехуд Барак и Ехуд Олмерт, но и во другите периоди, им се понудени неколку предлози за решение. Ниту еден не прифатија. Од нивната сегашна реакција, колку што гледаме, не го прифаќаат ниту овој план“, рече Бегин.