Nour Mahd Ali Abu Aisha,Mehmet Nuri Uçar
23 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
ГАЗА (АА) - Во блокираниот Појас Газа, Палестинците одржаа демонстрации со барање телата на оние што починаа во израелските затвори да им бидат предадени на нивните семејства, јавува Агенција Анадолија (АА).
На повик на Комитетот за затвореници на националните и исламските сили и организациите поврзани со палестинските затвореници, многу луѓе се собраа пред зградата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа.
Демонстрантите носеа плакати на кои пишуваше дека сакаат телата на палестинските затвореници, приведени од страна на Израел, да им бидат вратени на нивните семејства.
- „Сокривањето на безживотните тела е злосторство“ -
Халид ал-Батш, еден од водачите на движењето Исламски џихад, во својот говор на демонстрациите рече: „Криењето на безживотните тела е злосторство и освен ционистите никој друг во светот не го практикува тоа.“
Нагласувајќи дека тие повторно протестираат против злосторството што трае со децении, Батш рече: „Го осудуваме континуираното криење на безживотните тела од страна на Израел за да не им се дозволи на нивните семејства да ги погребаат нивните починати во согласност со исламските обичаи.“
Батш додаде дека единствениот начин за враќање на правата и телата на Палестинците е „да се заробат израелските војници за оружје, отпор или за размена“.
Според податоците на Здружението на палестински затвореници, Израел подолго време ги чува телата на 9 Палестинци починати во израелските затвори.