Selen Temizer
24 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Комесар за правда на Европската Унија, Дидие Рејндерс, изјави дека и покрај позитивните случувања во Унгарија, загриженоста за владеењето на правото продолжува и дека тие ќе продолжат да работат со новата влада за нивно решавање, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рејндерс одржа прес-конференција по состанокот на министрите на земјите од ЕУ одговорни за прашањата на Унијата.
Наведувајќи дека на состанокот се разговарало за уставниот и изборниот систем во Унгарија, независноста на судството и слободата на изразување, Рејндерс рече дека изборите во април се одвивале добро, имало можности за гласачите да учествуваат, но постои загриженост за непристрасноста на медиумите и транспарентноста на финансирањето на изборната кампања.
Рејндерс исто така истакна дека има позитивни случувања, како што е зголемувањето на платите на судиите и обвинителите, но дека не може да каже дека има позитивен развој во областа на владеењето на правото.
Тој додаде дека се подготвени да работат на решавање на прашањата покренати со Унгарија.
На новинарско прашање за членот 7 и процедурите за условување, Рејндерс рече дека двата процеса се независни еден од друг, дека процесите продолжуваат и дека дијалогот со новата Влада ќе продолжи.
Унгарија долго време е критикувана од ЕУ поради уназадувањето во принципите како што се демократијата и владеењето на правото. Во 2018 година ЕУ го започна процесот во однос на имплементацијата на членот 7 наречен „нуклеарна опција“, кој предвидува укинување на правото на глас на Унгарија во Европскиот совет.
Минатиот месец беше воведена процедурата „механизам за условување“ со која доделувањето дел од буџетот на ЕУ за администрацијата во Будимпешта ќе биде условена поради долгогодишна загриженост за злоупотреба на средствата од ЕУ.