Riyaz Khaliq Khaliq
18 Јануари 2024•Ажурирај: 18 Јануари 2024
ИСЛАМАБАД / ИСТАНБУЛ (АА) - Пакистан денес соопшти дека извршил напад на „терористички засолништа“ во Иран, по помалку од два дена откако Техеран изврши воздушни напади кои Исламабад рече дека го нарушиле неговиот воздушен простор, јавува Анадолу.
„Утрово Пакистан презеде серија висококоординирани и конкретно насочени прецизни воени напади против терористичките засолништа во покраината Систан-Белуџистан во Иран“, се вели од Министерството за надворешни работи.
Според пакистански воени извори, авионите и дроновите прелетале околу 20 километри во Иран за да ги гаѓаат засолништата на терористите.
Одреден број терористи се убиени за време на операцијата базирана на разузнавачки информации - со кодно име „Марг Бар Сармачар“ (Смрт за Сармачар), се додава од Министерството.
Официјалната потврда дојде откако Анадолу објави дека Пакистан извел напади на милитантната група на Ослободителната војска на Белуџистан во југоисточен Иран.
Исламабад претходно го осуди Иран за кршење на неговиот воздушен простор и за извршениот воздушен напад во кој загинаа две деца, а беа повредени уште три во пакистанската покраина Белуџистан. Исто така, го отповика својот амбасадор и ги прекина посетите на високо ниво со Техеран.
Исламабад денес објави дека „континуирано изразува сериозна загриженост за безбедните засолништа и скривалишта во кои уживаат терористите од пакистанско потекло, кои себеси се нарекуваат сармачари на „неуправуваните простори во Иран“.
Но, се додава, поради „недостаток на акција“, терористите продолжиле неказнето да ја „пролеваат крвта на невините Пакистанци“.
Се наведува дека „акцијата утринава е преземена според веродостојни разузнавачки информации за претстојни големи терористички активности на овие таканаречени сармачари“.
Исламабад соопшти дека воената акција во Иран „е манифестација на непоколебливата решителност на Пакистан да ја заштити и брани својата национална безбедност од сите закани“.
„Единствената цел на денешниот чин беше осигурување на сопствената безбедност и националниот интерес на Пакистан, кои се најважни, и не смеат да бидат загрозени“, соопшти Министерството за надворешни работи, додавајќи: „Пакистан целосно го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Исламската Република Иран.“