Amir Latif Arain
15 Јануари 2020•Ажурирај: 16 Јануари 2020
КАРАЧИ (АА) - Во текот на изминатите четири дена во Пакистан загинаа голем број луѓе како последица на лавини, свлечишта и во други инциденти како последица на дожд, чија бројка се искачи над 100, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Најмалку 69 лица загинаа и над 40 се повредени во понеделникот како последица на лавините кои зафатија село во Пакистан, контролирано од Кашмир.
„Премиерот Имран Кан денеска ги посети повредените во Воената болница во Музафарабад - главниот град на Азад Кашмир - при што во тек се спасувачки активности за неколку жртви кои се водат за исчезнати по инцидентот, кој се случи во селото Сурган во планинската долина Нелам“, пишува во соопштението на Агенцијата за катастрофи на Азад Кашмир.
Властите се плашат од натамошен пораст на бројот на загинати, додека спасувачите екипи ископаа насипи на снег во потрага по преживеани.
„Околу 42 лица се повредени, додека над 100 куќи, продавници и џамија се оштетени од лавината. Армијата со хеликоптери обезбедува храна и други предмети за помош на стотици луѓе заробени поради патиштата блокирани од густи слоеви снег“, се додава во соопштението.
Бројката на загинати со најновите пријавени смртни случаи од дождови, свлечишта и лавини, изнесува над 104, при што најмногу е погоден Азад Кашмир.
Пријавени се над 80 жртви од Азад Кашмир, бидејќи обилните дождови и снежни врнежи кои ја зафатија областа предизвикаа проблем за спасувачите.
Од југозападната покраина Белуџистан, каде што свлечиштата и силните снежни врнежи блокираа неколку главни автопати, пријавени се 15 смртни случаи.
Останатите жртви, главно како резултат на уривање на покриви, се пријавени од северозападниот дел на Кибер Пактункхва, во североисточната покраина Пенџаб и регионот Гилгит-Балтистан.
Армијата на земјата, исто така, спаси локални жители и туристи заробени поради снегот во Белуџистан.
Северните и југозападните области на Пакистан оваа година се зафатени со силен студ и необични врнежи од снег, при што во некои области температурите паѓаат до минус 20 степени Целзиусови.
Метеоролозите прогнозираат дождови и снежни врнежи во текот на наредните неколку дена.