Sarp Özer
15 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Во продолжение на акцијата „Штитот на Еуфрат“, вчера загинаа двајца, а ранети се седум припадници на сириските опозициски сили во судирите со терористите на ДЕАШ во северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Офанзивата „Штитот на Еуфрат“ е започната на 24 август, во северниот дел на Сирија, со цел да се неутрализираат терористичките закани, особено ДЕАШ, и заради јакнење на безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас. Офанзивата ја спроведуваат сириските опозициски сили, а во согласност со меѓународното право за самоодбрана, акцијата ја поддржуваат турските сили, како и меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ.
Во изминатите 24 часа од офанзивата, односно на 84. ден од таа воена акција, сириската опозиција успеа да им нанесе големи загуби на терористите од ДЕАШ и да се пробие во местата Хазван, Шувајхат Шадир и Башгун.
Генералштабот на турската војска соопшти дека во изминатите 24 часа биле направени успешни артилериски удари во кои се уништени десетици упоришта на терористите на ДЕАШ во северниот дел на Сирија.
Од почетокот на офанзивата до денес, од терористите на ДЕАШ ослободени се 1.680 квадратни километри простор во северниот пограничен појас на Сирија. Станува збор за повеќе од 200 населени места. На ослободеното подрачје, деминерите остранија и уништија илјадници мински експлозивни направи што терористите на ДЕАШ ги поставиле при повлекувањето од подрачјето што го контролирале со месеци.