Barry Eitel
17 Август 2018•Ажурирај: 19 Август 2018
САН ФРАНЦИСКО (АА) - „Многу познати продукти за исхрана на бебиња што се продаваат во Соединетите Американски Држави (САД) содржат загрижувачки количини тешки метали“, се наведува во новото истражување на списанието „Конзумер репортс“ („Consumer Reports“), пренесува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето покажало дека секоја од 50-те видови храна за бебиња дистрибуирани низ државата содржела мерливи количини тешки метали.
Меѓу тешките метали се наоѓаат кадмиумот, оловото, живата и неорганскиот арсен. Овие метали се штетни за луѓето, а можат да бидат особено опасни за менталниот развој на малите деца.
„Бебињата и малите деца се особено ранливи поради нивната мала возраст, поради мозокот кој е во фаза на развој, како и другите системи органи“, истакна Џејмс Роџерс, директор за истражувањето и тестирањето на безбедноста на храната во „Consumer Reports“. „Тие (бебињата и малите деца), исто така, апсорбираат поголемо количество од тешките метали кои влегуваат во нивните тела, отколку возрасните.“
„Од испитаната храна за бебиња, 68 проценти имала загрижувачка количина од најмалку еден вид тежок метал. Околу 30 отсто од храната има потенцијален ризик по здравјето, дури и ако им се дава еднаш дневно на бебињата“, се вели во студијата на „Consumer Reports“.
Изложеноста на тешките метали не мора да резултира со здравствени проблеми, но го зголемува ризикот од проблеми, особено со повторување на изложеноста.
Направено е тестирање на житариците за бебиња, конзервираниот зеленчук, готовите оброци и бебешките колачиња. Најголем дел од производите биле произведени од страна на двете најголеми компании за бебешка храна во САД, „Гербер“ („Gerber“) и „Бич-нат“ („Beech-Nut“).
Застапниците на потрошувачите велат дека надлежните треба да преземат дејствија врз база на овие извештаи.
„Иако ефектите од изложеноста на тешките метали од едно пакување не можат да влијаат врз детето, она што загрижува е кумулативниот ефект од изложеноста на ниско ниво на кадмиум, неоргански арсен и олово од целата храна во исхраната“, истакна Том Нелтнер, од Фондот за заштита на животната средина (ЕДФ). Тој изјави: „Заштитата на способноста на децата за учење и напредување бара да ја намалиме изложеноста на тешки метали од сите извори - вклучувајќи ја и храната“.