Ahmet Gürhan Kartal
17 Август 2018•Ажурирај: 18 Август 2018
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија е крајно загрижена поради ескалацијата на воените дејствија преземени од страна на сирискиот лидер Башар ал Асад и неговите поддржувачи врз речиси три милиони цивили кои бараат засолниште во Идлиб и околните области, истакна денес висок британски министер, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова се луѓе што претрпеа многу за време на борбата која трае повеќе од седум години. Повеќето од нив веќе се раселени неколку пати“, изјави британскиот министер за Блискиот Исток, Алистер Берт, во однос на новите мерки за помош на цивилите во тој регион, најавени од страна на британската Влада.
Според најавата, Велика Британија ќе помогне во заштита и помош на цивилите во Северозападна Сирија како последица на предупредувањата дека повеќе од 2,9 милиони лица во Идлиб и околните области се во ризик од смртоносни напади од страна на режимот на Асад и неговите поддржувачи.
Новонајавената помош ќе вклучува поддршка за четири здравствени центри и два мобилни здравствени тима кои ќе патуваат низ областа да им пружат нега на најранливата категорија на луѓе.
Британската Влада, исто така, ќе ја поддржи новата иновативна технологија која нуди рано предупредување на цивилите за воздушните напади, така што ги открива авионите и им упатува предупредување на цивилите преку сирени и на социјалните медиуми.
Британската помош вклучува и „психолошка поддршка“ за заштита на жените и децата и „еднократен паричен трансфер за најранливите семејства кои бегаат во Идлиб“.
- Велика Британија ги поддржува напорите на Турција -
Британскиот министер Берт изјави дека хуманитарната катастрофа во сириски Идлиб може да се избегне.
„Велика Британија ги поддржува итните дипломатски напори од страна на Турција и ОН“, истакна тој.
Хуманитарниот советник на ОН, Јан Егеланд, минатата недела изјави дека Турција, Русија и Иран се договориле да направат сè што можат да се избегне судир во Идлиб.
„Го повикуваме сирискиот режим и неговите поддржувачи, Русија и Иран, да се придржуваат до договорот за прекин на огнот и да го почитуваат меѓународното хуманитарно право. Тие, исто така, треба да бидат јасни. Ние ќе одговориме соодветно доколку режимот на Асад ја повтори ужасната употреба на хемиско оружје“, вели тој.
„Два милиони лица што се раселени низ Сирија најдоа засолниште во Северозападна Сирија, но таму досега врз здравствените објекти во Идлиб се извршени најмалку 37 напади, така што цивилите, хуманитарните работници и медицинскиот персонал се плашат за својата безбедност“, велат од британската Влада.
Седумгодишната брутална Граѓанска војна во Сирија одзеде 400.000 животи, а над 11 милиони лица се раселени како последица на конфликтот, што предизвика голем недостиг на храна, чиста вода и здравствена нега, се истакнува од британската Влада.