Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
13 Ноември 2021•Ажурирај: 15 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Во Европа во 2010 година имаше пријавено најмалку 23.000 случаи на сексуална злоупотреба на деца преку интернет, а повеќе од 1 милион денес, изјави еврокомесарката за внатрешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сексуалната злоупотреба на децата преку интернет расте експоненцијално“, рече Илва Јохансон, привлекувајќи внимание на ова прашање на министерската видеоконференција за превенција и истражување на сексуалната злоупотреба на децата.
„Потребно ни е решително дејствување, ова станува сè поургентно од ден на ден“, рече таа, нагласувајќи дека спречувањето и истражувањето на сексуалната злоупотреба на децата е глобална борба.
Бројките се „речиси 4 милиони слики и видеа од познат материјал за сексуална злоупотреба на деца. И половина милион новопродуцирани слики и видеа, злоупотреба што е во тек“, рече Јохансон.
Таа истакна дека „светските компании испратиле 22 милиони извештаи за сексуална злоупотреба на деца преку интернет минатата година, вклучувајќи 65 милиони слики и видеа“.
Додаде дека децата, родителите и наставниците мора да бидат предупредени за ова прашање и да се охрабрат да работат „со експерти, со психолози, со органите за спроведување на редот и социјалните работници“.
Еврокомесарката ги покани сите учесници на видеоконференцијата на глобален самит во март во Брисел.
По состанокот, министрите потпишаа „заедничка изјава за итноста од преземање превентивни активности и подигање на свеста на ова поле, и ја изразија својата поддршка за изнаоѓање соодветни алатки за откривање и истрага за сексуалната злоупотреба на децата“.
Минатиот месец Франција беше потресена од откривањето дека 216.000 деца биле сексуално злоупотребувани во црквите од 1950 година.
Кога ќе се додадат случаите на сексуална злоупотреба извршени од вработени во приватни училишта и установи поврзани со Католичката црква, таа бројка се искачува на 330.000.