Elena Teslova
06 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
МОСКВА (АА) - Руската Централна изборна комисија (CEC) регистрира осум претседателски кандидати за претстојните претседателски избори во Русија, соопшти денес претседателката на Комисијата, Ела Памфилова, јавува Anadolu Agency (AA).
Сегашниот претседател на државата, Владимир Путин, кој е еден од кандидатите, на 6 декември 2017 година ја соопшти својата намера да се кандидира за четвртиот мандат.
Оваа година, само две од четирите партии во парламентот именуваа свои кандидати за оваа позиција - Владимир Жириновски од Либералдемократската партија и Павел Грудинин од Комунистичката партија.
Петмина од кандидатите се номинирани од опозициските партии кои не се застапени во рускиот Парламент, тоа се: Борис Титов од Партијата за раст, Григориј Јавлински од партијата Јаблоко, Ксенија Собчак од Граѓанската иницијатива, Сергеј Бабурин од Руската народна унија и Максим Сурајкин од партијата Руски комунисти.
Регистрирањето на бизнисменот Павел Грудинин, за кандидат на овогодишните претседателски избори беше неизвесно до последен момент. Според рускиот закон, на номинираните кандидати за претседателски избори им е забрането да поседуваат банкарски сметки во странство, а Грудинин, чии активности повеќе се поврзани со бизнисот отколку со политиката, има многу сметки во странски банки кои новинарите ги откриваа една по друга.
Борис Титов е руски бизнис, омбудсман. Тој доаѓа од Партијата на растот која се залага за промени во руската економија, а за таа цел нејзините претставници имаат намера да се интегрираат во владините тела, со цел да можат да донесат промени во областа на економијата. Според Титов, процесот на демократизација во земјата е попречен од нискиот животен стандард, а економската стабилност и просперитет се основата за демократизација на земјата.
Григориј Јавлински ја претставува една од најстарите партии во Русија, „Јаблоко“, единствената партија што учествуваше на изборите за влез во Думата. Јавлински, кој зборува од левичарско либерална позиција, честопати е критикуван поради недостатокот на волја како и поради избегнување на одговорноста, бидејќи ја објави својата оставка како лидер на партијата пред парламентарните избори. Тоа беше удар врз имиџот на партијата во многу критичен период.
Ксенија Собчак, кандидат на Граѓанската иницијатива, одлучи да се кандидира за претседател откако стана познато дека Навални не може да учествува на изборите поради неговото криминално досие. Собчак е ќерка на Анатолиј Собчак, првиот градоначалник на Санкт Петербург во чиј тим Владимир Путин ја започна својата кариера. Собчак беше оној кој го претстави Путин на претседателот Борис Елцин. А познато е дека кариерата на Путин тргна по нагорна линија по запознавањето со Елцин.
По смртта на Анатолиј Собчак, Путин го поддржуваше семејството на поранешниот шеф - сопругата на Собчак, Људмила Нарусова, која долго време беше сенатор во рускиот Совет на федерации. Ксенија Собчак беше водителка на популарното ТВ-шоу „Дом-2“ многу долго време, но потоа се префрли во опозицискиот ТВ канал „Дожд“, а учествуваше и на антивладините протести во 2011 година. Собчак е единствениот кандидат кој не ја поддржува анексијата на Крим. Сепак, таа е многу внимателна во однос на покренувањето одредени прашања што би можеле да ги вознемират властите.
Сергеј Бабурин и Максим Сурајкин се ословуваат како „технички кандидати“. Политичките експерти сметаат дека кога ќе дојде вистинското време, тие ќе се повлечат од трката во корист на Павел Грудинин.