Ikrame Imane Kouachi
08 Февруари 2025•Ажурирај: 09 Февруари 2025
КУДС (ЕРУСАЛИМ)/АНКАРА (АА) - Тројцата ослободени израелски заробеници ѝ се заблагодарија на палестинската група на отпорот Хамас по нивното ослободување денес во рамките на договорот за прекин на огнот во Газа, јавува Анадолу.
Тројцата заложници - Охад Бен Ами, Елијаху Шараби и Ор Леви беа ослободени од Хамас денес во градот Деир ал-Балах, централна Газа, во замена за 183 палестински затвореници од израелските затвори.
„Им велам на семејствата на заробениците, излезете да демонстрирате, побарајте од израелската влада да премине во втората и третата фаза од договорот“, порача Бен Ами (56) за време на неговото предавање.
„Единствениот начин да се вратат сите заробеници дома од Газа е преку комплетирање на договорот за размена“, додаде тој.
Изразувајќи желба Израелците и Палестинците да живеат рамо до рамо во мир, Бен Ами ја повика владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да ја прекине војната.
„Не успеавте на 7 октомври, не успеавте да не ослободите ни преку воен притисок, а сега сум ослободен преку договор“, рече тој.
„Владата мора да продолжи со втората и третата фаза од договорот и да ги ослободи и сите палестински затвореници за да можат безбедно да се вратат дома“.
Ослободениот израелски заробеник рече дека Хамас му обезбедувал храна, вода и лекови за време на 15-месечната израелска војна во Газа.
„Благодарение на нив, денес сум жив. Ви изразувам огромна благодарност.”
- „Многу сум лут на израелската влада“ -
Шараби (54), кој го загуби својот брат Јоси во израелски воздушен напад врз Газа, исто така ја осуди администрацијата на Нетанјаху.
„Многу сум лут на израелската влада - влада на неуспех. Не успеаја на 7 октомври, и не успеаја да ги заштитат заробениците“, рече тој.
Повика на продолжување на договорот за размена во Газа со цел да се стави крај на, како што рече, „ужасната војна“.
„Пресреќен сум што денес се враќам кај моето семејство и пријателите. Се надевам дека сите мои колеги заробеници кои сѐ уште се во Газа ќе се вратат дома наскоро. Израелската влада мора да продолжи да преговара... Им благодарам на Бригадите Касам што ме чуваа на безбедно“, рече тој, мислејќи на вооруженото крило на Хамас.
Леви (34), единствениот меѓу тројцата кои сè уште е на возраст за резервна служба во армијата, ја носеше својата израелска воена униформа за време на неговото предавање на Црвениот крст.
„Им благодарам на Бригадите Касам што се грижеа за мене кога бев повреден. Ми даваа храна, вода и лекови. Тие се грижеа за мене, и јас сум жив поради нив“, рече Леви.
Тој призна дека воениот пристап на Израел не помогнал за нивно ослободување.
„Ослободен сум преку договор, а не со воениот притисок. Се надевам дека преговорите ќе продолжат и дека оваа војна ќе заврши“.
Вкупно шеснаесет израелски заробеници и пет тајландски работници досега се ослободени според договорот за прекин на огнот во Газа во замена за стотици палестински затвореници.
Палестинските затвореници ослободени од израелско заробеништво се ослободувани во лоша здравствена состојба, со значителна изгубена телесна тежина.
Договорот за прекин на огнот е во сила во Газа од 19 јануари, со што е запрена израелската војна во која се убиени речиси 48.200 Палестинци. Во израелските напади предизвикано е опсежно разорување, а палестинската енклава е оставена во урнатини.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.