Amir Latif Arain
12 Март 2025•Ажурирај: 13 Март 2025
Пакистанските безбедносни сили соопштија дека ослободиле 190 заложници, а 30 милитанти биле убиени во безбедносната операција, која продолжи и денес, за ослободување на патниците што беа држени како заложници по нападот врз воз во југозападната провинција Белуџистан, јавува Анадолу.
Милитантите лојални на забранетата Белуџистанската ослободителна армија тврдат дека држат уште 214 патници како заложници откако во вторникот нападнале воз во ридското подрачје во оддалечениот округ Болан во Белуџистан.
Безбедносните сили соопштија дека досега успеале да ослободат 190 заложници, меѓу кои жени и деца, а операцијата за ослободување на другите патници сѐ уште е во тек.
Непотврдени извештаи сугерираат дека најмалку 10 патници, вклучително и машиновозачот, биле убиени во нападот.
Нема официјални информации за жртвите.
Според безбедносни извори, неколкумина милитанти носат елеци со експлозив и зазеле позиции во близина на заложниците, што ги принудува војниците да бидат особено внимателни при изведувањето на операцијата.
БЛА и неколку други групи долго време изведуваат напади врз безбедносните сили и граѓаните од други провинции.
Тие се борат за ослободување на Белуџистан, тврдејќи дека регионот бил насилно приклучен кон Пакистан на крајот на британската колонијална власт во обединета Индија во 1947 година.