Mehmet Yılmaz
13 Јануари 2017•Ажурирај: 14 Јануари 2017
БУДИМПЕШТА (АА) - Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан вчера изјави дека на мигрантите и на бегалците не треба да им се дозволи влез во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги разбираме тие луѓе, но не можеме да ги исполниме нивните желби и да им дозволиме влез во Европа“, истакна Орбан за време на церемонијата на која се претставени нови тимови на безбедносните сили кои ќе ја следат состојбата на унгарските граници.
„Ни во наредните години притисокот на границите на Унгарија сигурно нема да престане. Поради тоа, и во наредниот период заштитата на границите ќе биде приоритет во поглед на националната безбедност. Надвор од земјата, односно од Брисел, ни во иднина не можеме да очекуваме одредено решение. Затоа мораме самите да се заштитиме“, изјави Орбан.
Тој истакна дека и бегалците се жртви: „... на криумчарите со луѓе, на политичарите што ветуваат слободен влез на европското тло и на своите сопствени илузии“.
„Ниту едно човеково право не налага национално самоубиство. Заедно со илегалните мигранти пристигнуваат и терористите. Поради тоа, во некои европски земји загинаа невини луѓе, кои слабостите на својата влада на крајот ги платија со сопствените животи“, изјави Орбан.
На крајот тој напомена дека сѐ уште не е завршена бегалската криза во Европа, и додаде дека Унгарија и во наредниот период ќе продолжи да ги штити своите граници.